На 10 март во Скопје во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе гостува светскиот театарски феномен, мјузиклот „Мама миа“, а поради големиот интерес се закажани уште две дополнителни претстави. Мјузиклот ќе се игра на големата сцена на МНТ со почеток од 20 часот. „Мама миа!“ е најуспешниот современ мјузикл во светот, чиишто билети се распродадени однапред. „Позориште на Теразијама“ е единствениот специјализиран музички театар во регионот што ја има лиценцата за „Мама миа!“.
Локален копродуцент на мјузиклот е познатиот поранешен југословенски скијач и олимпиец Јуре Франко, кој чекал шест години за добивање на лиценцата за територијата на поранешна Југославија.
Јелена Јовичиќ (39) ја толкува главната улога во „Мама миа!“, односно ликот на Дона за која доби одлични позитивни критики. Во интервју за „Република“ говори за ликот на Дона, за положбата на актерите во Србија, за тоа како евентуално би ја сменила професијата на која ѝ е посветена сто отсто.
– Ако драмскиот театар е една атлетска дисциплина, мјузиклот тогаш е десетобој. Затоа најважни се дисциплината, одморот и здрав живот – вели Јовичиќ.
Се наоѓате во зенитот на уметничката кариера, практично го „носите“ репертоарот на Вашата матична театарска куќа. Како се снаоѓате?
ЈОВИЧИЌ: Би било несериозно по 15 години кариера и присуство на сцената и сериозна работа, сега, како што велите, во уметничкиот зенит, јас да се „снаоѓам“. Се надевам дека публиката имала можност да види нешто ново во моите интерпретации, дека младите колеги имаат што да научат од мене и на крајот, тоа што јас го „носам“ репертоарот на моите плеќи јасно говори за тоа дали ми успева да се „снаоѓам“ или успешно ја работам својата работа еве веќе петнаесетта сезона. Важно ми е да сум свесна дека ако сакам да бидам успешна актерка и поинаква, морам секогаш да тргнам од почеток. Тоа е како да сум на почетокот на кариерата, а не да се потпирам на старата слава, туку само да го користам претходното искуство и да бидам подготвена да си поставувам нови задачи.
Дали би можело да се каже дека улогата на Дона во мјузиклот „Мама миа“ е круна на Вашата досегашна кариера?
ЈОВИЧИЌ: Да, во белградско „Позориште на Теразије“. Тоа е моја прва вистинска шанса за круна. Иако круната тука е најмалку важна. Важно е дека јас и Дона се споивме една со друга и се шетаме рака под рака сето време. Сите тие што се дрзнале да помислат дека јас сум добар избор за оваа нежна и силна улога им благодарам од срце, бидејќи играјќи ја Дона открив многу нови тајни на мјузиклот и на крајот на краиштата и за себеси, што е многу битно и драгоцено. Дона и јас се зближивме.
Дали е тешко да се глуми и да се пее во исто време? Тешко ли е да се работат мјузикли?
ЈОВИЧИЌ: Тоа е како да прашате пијанист дали му е тешко да ги раздвои левата и десната рака. За мене е сосема сеедно дали треба во исто време да степувам и пеам или само да пеам. Важно ми е да имам доволно број проби за да можам до перфекција да ја увежбам улогата. Не сакам ништо што е просечно, на половина, бидејќи тоа ме потсетува на аматеризам. Вежбам додека не научам. Вежбам и за време на празници кога сите се на одмор. И секогаш се слушам себеси и својата интуиција. Така што не знам кога е доста. Тоа е напорна работа и често тоа се одразува на нашето здравје, но таква ни е работата. Како спорт. Нема многу врска со класичниот драмски театар, само основата е иста. Јас многу често правам споредби и велам дека ако драмскиот театар е една атлетска дисциплина, мјузиклот тогаш е десетобој. Затоа најважни се дисциплината, одморот и здрав живот. Подобро е да се застане и да се одмори кога треба, отколку да се работи до изнемоштеност без идеја, ресурси и сила, бидејќи тогаш тука нема резултат. Но, дека мјузиклот е напорен, напорен е, нема збор. И тоа многу е напорен.
Како звучи АББА на српски јазик?
ЈОВИЧИЌ: Дали би ви било чудно да пеете познати хитови на мајчин јазик? Искрено, јас не сум ги слушала песните на „АББА“ порано. Можеби само некои, многу популарни. Единствно наизуст ја знаев „Waterloo“, така што ја немав таа конфронтација со зборовите. И самата учествував во создавање на некои од стиховите, па ми беше многу лесно да ги совладам. Звучи супер. Впрочем, ќе чуете и самите.
Во Скопје има големо интересирање за мјузиклот „Мама миа“. Првата претстава е целосно распродадена, најавено е дека ќе има уште две дополнителни претстави. Што очекувате од настапот во Скопје?
ЈОВИЧИЌ: Очекувам дека се ќе биде во најдобар ред и дека публиката ќе ужива. Треба само да се препуштиме на приказната и ние и публиката заедно да создадеме една убава вечер во која ќе уживаме во мјузиклот. И така трипати.
Дали уште сериозно размислувате да ја напуштите глумата?
ЈОВИЧИЌ: Па, право да ви кажам, да, но не верувам дека во целост ќе ја напуштам. Барем не овде. Можеби ќе побарам некој нов театарски облик, кој ќе ми помогне да живеам понормално. Не сакам ништо посебно да истакнувам, освен дека се чувствувам исто како што се чувстува секој мој колега. Мојот живот воопшто не се разликува од животот на една учителка или медицинска сестра. Времињата се многу тешки и, пред сѐ, чудни. Затоа, треба да работиме на тоа да го сочуваме својот мир и да најдеме излез, пред сѐ, заради своите деца.
Како е да се биде денес актер во Србија?
ЈОВИЧИЌ: Никако. Ние сме како слепци, кои едвај се движат во темница и се удираат во ѕидовите на лошата бирократија, лошите решенија или уште полошо – никаквите решенија. Културата уште донекаде и се „држи“, но ние, културните работници се чувствуваме дека во секој момент некој носорог ќе влета од некоја страна и ќе го изгази и тоа малку што останало од неа. Жал ми е што е така, но не очајувам, туку размислувам можеби да се преквалификувам и да ја побарам својата среќа надвор од зоната на комфорот.
Ако не работите како актерка, што би работеле за да преживеете или да живеете поудобен живот?
ЈОВИЧИЌ: Можеби графички дизајнер, дизајн на ентериери, организација на настани или некоја работа поврзана со деца. Којзнае, можеби и пејачка кариера.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.