Со аплаузи, овации, потпевнувања и играње во ритамот на хитовите на шведската група АББА, беше награден првиот од трите мјузикли „Мама миа!“ на „Позориште на Теразијама“ од Белград, кои се прикажуваат на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ).
Следните две претстави се денеска и утре на сцената на МНТ. Претставата трае речиси три часа, вклучувајќи ја и паузата. Но, времето брзо лета и нема да забележите кога поминало.
.
Музиката и текстовите се на Бени Андерсон и на Бјорн Улвеус, кои се и основачи на шведската група. Актерите познатите хитови ги пејат на српски јазик, а препевот е на познатиот актер и музичар на овие простори, Бранко Ѓуриќ – Ѓуро.
– Мјузиклите, обично, се сметаат за „лимонада“. Но, ако не е доволно слатка и студена, нема да биде добра. Ние се надеваме дека бевме слатки – рече актерот Драган Вујиќ, кој го игра ликот на Хари, еден од татковците.
Приказната се случува на еден грчи остров, каде што веќе 21 година живеат Дона и Софи, мајка и ќерка. Софи расте само со љубовта на мајката и кога ќе реши да прави свадба, таа ги повикува како гости тројцата татковци со цел да дозне кој е вистинскиот.
Мјузиклот „Мама миа!“ е најуспешниот современ мјузикл во светот, чиишто билети се распродадени однапред. „Позориште на Теразијама“ е единствениот специјализиран музички театар во регионот што ја има лиценцата за „Мама миа!“. Локален копродуцент на мјузиклот е познатиот поранешен југословенски скијач и олимпиец Јуре Франко, кој чекал шест години за добивање на лиценцата за територијата на поранешна Југославија.
Гостувањето на „Позориште на Теразијама“ е во организација на „Теди медиа груп“, која со ова шоу го прославува своето четиригодишно постоење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.