| четврток, 6 декември 2018 |

Рома нокаутирана за четири минути, Реал Мадрид и Волфсбург први четвртфиналисти (видео)

Real-Madrid-Roma-080316

Реал Мадрид е еден од првите два учесници во четвртфиналето на Лигата на Шампиони оваа сезона откако во реваншот на домашен терен ја победи екипата на Рома со 2-0. За потсетување, „кралевите“ во првиот дуел во Рим славеа со истиот резултат и со вкупни 4-0 одат понатаму во најелитното фудбалско натпреварување на стариот континент.

Првото полувреме беше без голови, двете екипи имаа свои шанси, но и голманите беа на висина на задачата.

Един Џеко во 14. минута пропушти одлична шанса по додавањето од Мохамед Салах од десната страна. Репрезентативецот на БиХ се најде во ситуација еден на еден со Навас, но не успеа да го погоди голот.

15 минути подоцна Салах изгради одлична акција повторно по десната страна, овој пат тој шутираше кон голот, но непрецизно.

Кај домаќините Роналдо, Модрич и Каземиро имаа обиди да ја затресат мрежата на Рома, но резултатот остана непроменет во првиот дел.

Рома продолжи со доминацијата и во второто полувреме и вистинско чудо е како не успеаа барем една ситуација да ја претворат во гол.

Прво Салах ја пропушти можеби најдобрата шанса за Рома, кога се најде сам пред голманот Навас кој одлично реагираше, а потоа шутираше Флоренци, па Пероти со глава и Манолас се обиде, но повторно без успех.

После сите безуспешни обиди на гостите да постигнат гол, следуваше нокаутот за Рома. За само четири минути примија два гола. Прво прецизен беше Роналдо во 64. минута по одличното проигрување од Васкез кој влезе во игра три минути претходно.

За вториот гол Португалецот се најде во улога на асистент, го пронајде Хамес Родригес кој шутираше низ нозете на голманот на Рома за конечни 2-0.

 

Во вториот натпревар вечерва Волфсбург го совлада белгискиот Гент со 1-0.

Германската екипа во реваншот влезе со предност од еден гол од првиот дуел (3:2) и со вкупен резултат од 4-2 обезбеди пласман во четвртфиналето на ЛШ, што претставува најголем успех на Волфсбург во ова елитно натпреварување.

Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Андре Ширле во 74. минута.

 

Утре играат:

Зенит – Бенфика (18:00ч.)
Челси – ПСЖ (20:45ч.)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top