| четврток, 6 декември 2018 |

Машки стриптиз во Театар Комедија, место во кафена за 8 Март на премиера на „Вардарски пастуви“

Ова е прва премиера во Комедија оваа календарска година, а „Вардарски пастуви“ е прва сопствена продукција на Театар Комедија, што значи дека оваа претстава не е финансирана од Министерството за култура

Место во кафеана, жените, но и мажите меѓународниот ден на жената 8 Март може да го прослават со претставата „Вардарски пастуви“, чијашто премиера во Театар Комедија е закажана за утре, 8 март, од 20 часот. Седум актери во последните седум минути ќе изведат машки стриптиз и ќе се слечат до гола кожа. Претставата е наменета за повозрасни од 17 години, но не поради голотијата, туку поради јазикот на кој се говори во претставата.

-Нема никого да навредиме. Напротив, актерите во совршен танц на крајот ќе изведат стриптиз во кој ќе се соблечат до гола кожа и емотивно ќе се соголат- вели Јелена Жугиќ, директорка на Театар Комедија.

Во претставата играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски – Тино, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Столе Мицов, Едмонд Сотир, Крсте Јовановски и Јелена Жугиќ. Изборот на музика, адаптацијата и режијата е на Синиша Евтимов, сценографијата на Милан Несторов, костимографијата на Александар Ношпал, а кореографијата на Саша Евтимова.

Ова е прва премиера во Комедија оваа календарска година, а „Вардарски пастуви“ е прва сопствена продукција на Театар Комедија, што значи дека оваа претстава не е финансирана од Министерството за култура.

Евтимов е режисерот на најгледаната претстава во Комедија, „Стјуардеси“, која досега ја виделе 22.150 луѓе така што, едноставно природно се наметнало дека Евтимов ќе биде режисер на, како што вели Жугиќ, новата хит-претстава на Комедија.

Режисерот Евтимов рече дека „Вардарски пастуви“ е според филмот „Фул монти“ од Симон Буве и „Дамите избираат“ од Ентони Мекартен и Стивен Синклер и скопски урбани легенди.

– Не можам да кажам дека сум апсолутен автор на ова дело, но се работи за скопска приказна, напишана со скопски ликови во кои секој од нас може да се препознае и јазикот е скопски – вели Евтимов.

„Вардарски пастуви“ е за скопска маалска банда која седи и не прави ништо. Нивното нефункционирање во средината, не се должи на нивната неспособност, туку на нивната инертност и на тоа што не сакаат да се потрудат и да направат нешто повеќе со себе во животот.  Се интересираат само за фудбалскиот клуб „Вардар“ и фудбалот. Во момент на апатија и незаинтерсираност, во оглас во весник наоѓаат интересна понуда за работа-машки стриптиз.

– Нема ограничување за оваа претстава, таа е добра и за мажите и за жените. Овде мажите може да научат дека соблекувањето може да биде дел од уметноста на заведувањето – вели Жугиќ, која во претставата го толкува ликот на инструкторката по танцување.

Саша Евтимова, која работи како кореограф во МОБ, првпат дебитира на театарска сцена и првпат соработува со својот брат Синиша.

– Можам слободно да кажам дека секој од овие актери кои играат во претставата има потенцијална шанса да стане играч – рече Евтимова.

На 27 март, Светскиот ден на театарот и четвртиот роденденот на Театар Комедија ќе биде премиерата на „Случките од Хармс“, во режија на Дино Мустафиќ од Босна и Херцеговина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top