Во Штип денеска е поставен камен темелникот на новата Клиничка болница, инвестиција вредна околу 30 милиони евра и во која здравствени услуги ќе добиваат над 200.000 пациенти.
На поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, министерот за здравство Никола Тодоров, двајцата директори на ФЗОМ, директорот на Бирото за лекови, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, двајцата пратеници во Собранието на РМ Никола Мицевски и Трајче Димков и градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев.
Премиерот за спроведување на изборите Димитриев истакна дека му претставува големо задоволство што денеска стартува изградбата на новиот Клинички центар во Штип – клиничка болница која досега играла важна улога за лекување на пациентите од источна и југоисточна Македонија, но исто така од неа излегле и врвни имиња од лекарската фела.
– Времето си го прави своето и 80-годишното постоење на оваа болница значи нужна потреба за дополнителни инвестиции, како би се задржал и подобрил имиџот на еден од најдобрите и најзначајни клинички центри во Македонија. Од овие причини, како продолжение на политиките на Владата за капитални инвестиции во македонското здравство денеска почнува со изградба новиот Клинички центар во Штип, кој претставува инвестиција вредна околу 30 милиони евра, рече Димитриев.
Тој додаде дека новиот Клинички центар со сите свои карактеристики и функционалности ќе биде здравствен комплекс како што досега не е изграден во Македонија.
– Комплексот ќе биде распределен на осум нивоа со голем број болнички одделенија и центри. На последните три нивоа ќе бидат сместени болнички соби со сите неопходни содржини за директна поддршка и медицински надзор, додека во подолните катови се проектирани сите неопходни содржини за дијагностика, интервенции и третман, како за болничките, така и за амбулантните пациенти. Сите содржини на комплексот ќе бидат соодветно групирани и меѓусебно поврзани со цел полесна комуникација и движење на пациентите и медицинскиот персонал, рече Димитриев.
Министерот Тодоров истакна дека новата клиничка болница ќе биде најсовремениот објект кој ќе биде изграден во сферата на здравството, објект којшто ќе има 34.000 метри квадратни, во кој ќе бидат сместени сите одделенија, амбуланти, специјалистички амбуланти и ургентниот центар.
– Ова е камен темелник за поквалитетно здравство. Објектот ќе биде изграден со современи европски стандарди, а во него квалитетни здравствени услуги ќе добиваат потенцијални над 200.000 услуги. Инвестицијата е вредна 30 милиони евра, но вкупната инвестиција е 56 милиони евра, од кои еден милион евра за проектирање, 16 милиони евра за опремување на болницата. Болницата ќе има комплетно воспоставен систем кој ги контролира во целост електриката и машинството на објектот и е директно поврзан со системот за менаџирање на болничките соби, рече Тодорот.
Тој истакна дека првпат во Македонија е проектиран систем со кој транспортот на крв за лабораториски потреби наместо физички од страна на здравствените работници ќе се врши преку пневматски туби со кои ќе се поврзе лабораторијата со дијагностиката и оперативниот дел.
Тодоров посочи дека тендерот за изградба на новата клиничка болница во Штип е спроведен согласно критериумите на Банката на Советот на Европа, а веќе е склучен и договорот со градежната компанија „Интеркат“ која што денеска е вклучена во изведување на градежните работи.
Изградбата на клиничката болница ќе се одвива во наредните две години и ќе има две фази, од кои првата е изградба на објектот, а втората е доизградба и интегрирање на објектот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)