| четврток, 6 декември 2018 |

За малку од готово вересија, сепак Јувентус е вториот финалист во Купот на Италија (видео)

Inter vs Juventus

Јувентус е вториот финалист во Купот на Италија откако во драматичен реванш дури по подобро изведување на пеналите го елиминираше Интер.
„Старата дама“ допатува во Милано со комотна предност од првиот натпревар одигран во Торино со 3-0, па тренерот Алегри се одлучи за комбиниран состав и ги остави на клупата за резерви Буфон, Дибала, Погба и неколку останати првотимци.
Тоа можеше скапо да го чини бидејќи во регуларниот дел од мечот Интер ја анулира предноста на Јувентус од 3-0. За негова среќа фудбалерите на Јувентус биеја перфектно во пенал-рулетот, трасирајќи си го патот до финалето, каде ќе ги очекува Милан.

Интер ги постигна погодоците во клучните моменти од средбата, најпрвин Брозовиќ погоди во 16. минута, а потоа Перишиќ беше прецизен на самиот почеток од второто полувреме, на додавање на Едер. Свесни дека се многу близу до продолженија, „нероаѕурите“ продолжија со напади, а имаа и среќа кога ударот на Заза при резултат 2-0 заврши во дирекот. Брозовиќ нешто подоцна погоди од пенал за 3-0, по што вториот финалист мораше да биде познат дури по продолженија од два пати по 15 минути. Во дополнителниот период Јувентус беше многу подобар, но не успеа да искористи некоја од неколкуте шанси, Погба и Заза беа за малку непрецизни, додека Каризо одбрани два обиди на Мората во 120. минута.

Пенал-рулетот почна со прецизен удар на Барзалји, но Интер возврати со нов прецизен пенал на Брозовиќ. Како пресудна се покажа втората серија, кога ударот на Паласио удри во гредата и не ја мина гол-линијата. Јувентус ги погоди сите преостанати пенали преку Заза, Мората, Погба и Бонучи, па „старата дама“ во мај против Милан ќе го брани трофејот освоен лани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top