Во четвртфиналето од Лигата на шампионите за млади фудбалери, Динамо Загреб ја имаше за противник големата Барселона. Сон за младите фудбалери на хрватскиот тим.
Но, за жал, тој сон кратко траеше, откако УЕФА ги исфрли загрепчани од натпреварувањето затоа што во победата над Андерлехт беше направена груба административна грешка. Стручниот штаб на Динамо Загреб превиде дека Матија Финтиќ немал право за настап, поради три жолти картони.
Финтиќ на терен влезе во игра на седум минути пред крајот на дуелот. Во тие моменти Динамо веќе имаше предност од 2-0, резултат со кој заврши дуелот и со кој „модрите“ се пласираа во четвртфиналето. Сега, по оваа елиминација, Белгијците продолжуваат понатаму. Но, и тоа нема да се случи!?
Андерлехт, покажувајќи се како господски клуб, побара Динамо Загреб да го продолжи натпреварувањетo.
– Не сакаме да го заземеме нивното место кое чесно го заработија. Не сакаме да победиме на зелена маса, посебно затоа што суспендираниот фудбалер не влијаеше никако на резултатот. Се надеваме дека нема да не прашаат да играме во четвртфиналето, затоа што не сакаме – вели директорот на младинската академија на Андерлехт, Јан Киндерманс.
Во Динамо Загреб, пак, велат дека се подготвени да ја платат секоја финансиска казна, но уште се надеваат дека УЕФА ќе им дозволи на младите момчиња од „Максимир“, не скратувајќи им го сонот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.