| четврток, 6 декември 2018 |

„Денови на светската книжевност – Американски класици“ во НУБ

НУБ Св. „Климент Охридски“ и Американското катче во Скопје денеска во Центарот за конференции и студии во НУБ го организираат вториот настан од серијата „Денови на светската книжевност“, насловен „Американски класици: поттикнување на метакогницијата преку кратките раскази на Реј Бредбери“.

Осврт за американската книжевност ќе има Вера Сотировска, која ќе се фокусира на важноста на читањето и на развивањето на имагинацијата преку расказите на Бредбери.

Ред Бредбери се вбројува меѓу класиците на американската научно-фантастична книжевност. Негови најпознати дела се култниот роман „Фаренхајт 451“ и „Марсовските хроники“.

Сите љубители на пишаниот збор кои ќе присуствуваат на овој настан ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од американските писатели преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“ и „Ѕвезди на светската книжевност“.

Во текот на оваа година во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје континуирано ќе се промовираат и презентираат публикации од македонската тековна и актуелна книжна продукција и од капиталните издавачки проекти, а ќе се организираат и книжевни средби, трибини и придружни манифестации со цел афирмирање и поттикнување на читањето и привлекување читатели од различни генерации.

Планираните програмски активности, како што истакнуваат од НУБ, се во функција на популаризација на македонската книжевност и на преводите од светската книжевност, на богатата и разновидна издавачка продукција во Република Македонија и на новите публикации, како од афирмирани и етаблирани писатели, така и од млади автори.

Следни планирани настани што ќе се одржат во март се Ден на читателот и претставување на унгарската книжевност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top