Денеска со почеток во 12 часот, во Центарот за конференции и студии во НУБ ќе се одржи осмиот настан во рамки на серијата културни настани „Денови на светската книжевност“, насловен „Прошетка низ руската литература“.
Насловот не е случајно избран со оглед на фактот дека станува збор за литературна традиција чиишто почетоци датираат од средината на 10 век и која е позната и ценета низ целиот свет.
Гостин предавач ќе биде Емил Ниами, актуелен раководител на Рускиот центар при УКИМ. Предавањето претставува кондензирана информација за патот кој го има поминато руската книжевност низ вековите.
Во „прошетката“ Емил Ниами ќе нѐ запознае со древната и средновековната руска литература, познатите руски сказни, руската литература од 18 век, златниот и сребрениот век, па сѐ до најзначајните претставници на советскиот период и современоста.
Особено внимание ќе биде посветено на четворица големи писатели: Александар Сергеевич Пушкин, Николај Васиљевич Гогољ, Ана Андреевна Ахматова и Михаил Афанасјевич Булгаков. 6 јуни во Русија се прославува како Ден на рускиот јазик или кај народот познат како Денот на Пушкин, датумот на кој е роден овој голем писател. Неговите дела се познати низ целиот свет, а во Русија се смета за најголем писател на сите времиња. Оваа година се навршија и 50 години од смртта на Ана Ахматова, една од најпознатите поетеси во светот, претставник на акмеизмот.
Николај Васиљевич Гогољ, кој е добро познат на македонската публика, пред 190 години за првпат го видел напечатено своето ремек-дело „Ревизор“, драма која до денешен ден е една од најпоставуваните на театарските сцени ширум светот. Конечно, во јубилејната група, ќе се запознаеме и со творештвото на Михаил Булгаков, исклучително плоден и ценет писател, автор на безвременскиот роман „Мајсторот и Маргарита“ кој минатата година на сцената на МНТ го постави македонскиот режисер Иван Поповски.
Предавањето нема да се заснова на „голи“ факти, туку на интересни моменти, за кои македонската читателска публика е малку запознаена, а кои ќе го привлечат вниманието кон богатата и неисцрпна руска литература.
Настанот е во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје во соработка со Рускиот центар при УКИМ, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Амбасадата на Руска Федерација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.