| четврток, 6 декември 2018 |

Со филмот „Кругови“ вечерва почнува 16-от Скопски филмски фестивал

Со српскиот филм „Кругови“ на режисерот Срѓан Голубовиќ вечер во кино „Милениум“ ќе биде отворен 16-от Скопски филмски фестивал. Филмот е инспириран од вистински трагичен настан – Србинот Срѓан Алексиќ бил убиен од своите сонародници во обид да спаси еден муслиман. Филмот предизвика интересирање на фестивалот „Санденс“ и во Берлин, а во Србија имаше иницијативи за именување улица по младиот Срѓан Алексиќ од Требиње. Филмот беше награден на Берлинале и доби награда од публиката на Софискиот интернационален филмски фестивал. Режисерот Голубовиќ ќе присуствува на проекцијата во „Милениум“.
Годинашниот СФФ ќе се одржува до 27 април со редуцирана програма поради скратен буџет.
Во главната програма се најнови филмски остварувања, повеќето наградени или номинирани на познатите фестивали.

Меѓу нив се најновиот филм на Педро Алмодовар „Многу сум возбуден“, „Насилство 2“ на Такеши Китано, „Капитал“ на Коста Гаврас, „Лов“ на Томас Винтерберг, „Кралска афера“ на Николај Арсел, кој беше номиниран за „Оскар“, биографскиот филм „Хана Арент“ на Маргарет фон Трота, .„Кралството на Месечината“ на Вес Андерсон, со кој минатата година беше отворен Канскиот филмски фестивал.
На 27 април СФФ ќе заврши со рускиот филм „Предавство“ на Кирил Сребреников, во кој игра актерот Дејан Лилиќ, премиерно прикажан лани на фестивалот во Венеција.
Ќе бидат прикажани и дебитантски филмски дела, документарни и кратки филмови. Проекциите ќе бидат во кино „Милениум“ и во кината во „Рамстор“ по цена од 100 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top