Денеска, в среда, на 24 февруари ќе се вози 46-тата Критична маса низ улиците на Скопје.
Од граѓанската иницијатива „На Точак“ информираат дека претстојното возење на велосипеди ќе биде под мотото „Ја поседуваш колата, а не патот“.
– Со оваа Критична маса ќе порачаме уште еднаш дека и ние сме сообраќај! И велосипедистите и пешаците! Особено непривилегирани во овој град се родителите со детски колички и лицата со попреченост. Скопје за нив е навистина непријателско место. Да го смениме тоа! Да го направиме Скопје пријателски град за сите луѓе, за сите начини на превоз – порачуваат од иницијативата „На Точак“.
Со возењето велосипеди низ скопските улици ќе се испрати апел до Градот Скопје, скопските општини, Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата да направат заедничка повеќемесечна кампања, во која ќе им ги вратат патеките на оние начини на превоз за кои се наменети. Причината за ова барање произлегува од постојната ситуација со која и малкуте пешачки и велосипедски патеки не се почитуваат од страна на возачите, кои ги оставаат своите автомобили на непрописни места за паркирање.
Групното возење велосипеди во среда започнува во 17:30 часот, на централниот градски плоштад „Македонија“.
Сите добронамерни граѓани кои поседуваат велосипед се добредојдени на настанот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.