Првите реквизити за лунапаркот ќе чинат околу 1,8 милиони евра, од кои дел ќе бидат за мали деца, а дел за возрасни.
Околу 1,8 милиони евра ќе чинат првите реквизити за лунапаркот. Град Скопје деновиве распиша тендер за набавка на вртелешки, лулашки и на воз. Според тендерската документација ќе се купуваат седум нови реквизити од кои дел ќе бидат за мали деца, а дел за возрасни. Во паркот ќе има вртелешка со хоризонтално ротациско движење составена од минимум 10 краци, со капацитет за 30 патници, реквизит од тип на кула што функционира на принцип на вертикален пад, со минимум 16 седишта, нишалка со воздушно движење, која се ниша околу цилиндар и притоа овозможува возбудливо забрзување и стоење во воздух на врвот од секое нишање и реквизит со ротирачка платформа на која се поставени дизајниран чајник во средината и околу него минимум шест филџани со ротациско движење и магнетни сопирачки. Предвидено е лунапаркот да се опреми со реквизити за мали деца и тоа со мал воз со една локомотива со минимум три вагони, со вртелешка со ротациско движење околу централна оска и со патека-шина на која се движат возила дизајнирани со сафари тематика.
Од Град Скопје велат дека со градежни работи на новиот лунапарк ќе почнат штом ќе заврши тендерот.
„Откако ќе заврши тендерот, потребно ќе биде време да се изработат реквизитите од страна на фирмата која ќе има најдобра понуда. Додека се прават реквизитите ќе се работи и на уредување на просторот“, велат од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски.
Според проценките на градските власти, новиот лунапарк ќе чини околу 6,5 милиони евра. Средствата од 6,5 милиони евра колку што се проценува дека ќе чини паркот ќе се обезбедуваат етапно. Од Градот објаснуваат дека овие средства не можат да се обезбедат во текот на една година, па поради тоа изведбата на објектот ќе се одвива етапно, во фази, при што и финансиските средства за изградбата на лунапаркот, набавката на реквизитите и нивното монтирање се планира да бидат обезбедени од Буџетот на Градот Скопје, во текот на 2016, 2017 и 2018 година.
Врз основа на идејниот проект изработен од „Буилд урбан“ ДООЕЛ Скопје, паркот ќе има административни објекти, нови забавни реквизити за возење во согласност со европските стандарди за безбедност, објекти за служење храна и пијалаци, дел за продажба на сувенири, затворен дел за играње, простор за паркинг, соодветна техничка инфраструктура и тематизација на паркот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ексклузивно видео: Вака ќе изгледа новиот луна-парк (видео)
-
Се демонтираат вртелешките што вртеа 40 години: Започнаа градежни активности за новиот луна-парк
-
Нема да се уништува зеленило – Луна паркот во Скопје ќе се гради на постојната површина!
-
Атракцијата „слободен пад“ во новиот забавен парк во Скопје