За шест месеци треба да бидат монтирани првите седум реквизити во новиот забавен парк што Град Скопје ќе го гради на местото на стариот луна-парк. Бирото за јавни набавки деновиве ги објави договорите што Градот на крајот од ноември ги склучи со две фирми за набавка и монтажа на новата опрема. Освен набавката на реквизитите, минатото лето е завршен и изборот на фирмата што ќе го гради забавниот парк, што значи дека нема пречки наскоро таму да почнат големи градежни активности.
Реквизитите ќе ги набават и монтираат фирмите „Боминг Оливер“ и „Ивама трејд“ за вкупна цена од 130.485.698 денари со ДДВ, односно 2,1 милиона евра, колку што беше и проценетата вредност во распишаниот конкурс за набавката. Минатото лето фирмата „Жикол“ го доби договорот за изградбата на забавниот парк, во вредност од 1,6 милион евра и со рок за завршување на градежните зафати во рок од 22 месеца.
Старите реквизити ќе бидат демонтирани. Дел од нов скопјани веќе ги гледаат кај каруселот на плоштадот Македонија, каде што се поставени неколку вртелешки од паркот „Луна“.
Паркот треба да е готов во 2018 година
Двете избрани фирми имаат шест месеци да ја завршат договорената обврска со Градот Скопје. Според градската власт, фирмата „Жикол“ треба да ги спроведе сите неопходни подготовки и да стартуваат со градежните работи.
– Со проектот треба да се изведат градежни работи за партерно уредување со надворешна инфраструктура во забавниот парк и изградба на придружни објекти, влезен портал , гардероби, работилница, магацини и тоалет – информираа неодамна од Град Скопје.
Градската власт по неколку неуспешни обиди да најде странски партнер концесионер за изградба на модерен забавен парк во Скопје, одлучи изградбата да ја реализира самостојно. Затоа предвидените активности ќе се реализираат во фази и се очекува целиот проект да заврши до 2018 година.
Фазната реализација значи дека во секој од наредните буџети ќе се обезбедуваат пари во висина неопходна за набавка на нови реквизити и други тековни активности.
Според деталниот урбанистички план „Централен градски парк – блок 3“, парцелата на забавниот парк е на истото место како „Луна-паркот“, а има површина од 84.040 квадратни метри со намена парковско зеленило, спорт и рекреација.
Постојниот парк е на површина од 25 илјади квадратни метри. Основан е во 1955 година, а комплетно е обновен во 1973 година, кога сите реквизити биле заменети со нови и кои се користат до денес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ексклузивно видео: Вака ќе изгледа новиот луна-парк (видео)
-
Се демонтираат вртелешките што вртеа 40 години: Започнаа градежни активности за новиот луна-парк
-
Нема да се уништува зеленило – Луна паркот во Скопје ќе се гради на постојната површина!
-
Скопје ќе се освежува со забавни паркови, нови улици, еколошки автобуси