Здружението на еснафи на Старата чаршија „Еснаф“ деновиве ja спроведува постапката за избор на фирмата- изведувач за конзервација, санација и адаптација на излозите и натписите на првите девет дуќани.
Претседателот на „Еснаф“, Бејтула Морина, вели дека ги разгледуваат понудите, а за изборот на изведувачот одлучува комисија составена од претставници на здружението, од Министерството за економија и од Kонзерваторскиот центар – Скопје.
– Штом ќе се избере фирмата, доколку нема проблем со техничката документација, за 10 до 15 дена ќе се почне со реализацијата – вели Морина.Проектот за обнова на излозите и за унифицирање на Чаршијата е на Министерството за економија.
Раководителот на секторот за туризам во министерството, Беким Хаџиу, вели дека со здружението „Еснаф“ договориле првата фаза од обновата да оди преку здружението.
– Втората фаза ќе ја преземе Министерството за економија за која до крајот на месецов ќе биде распишен оглас за избор на фирма-изведувач. Во првата фаза ќе бидат опфатени девет дуќани, а во втората фаза останатите, до 60 дуќани – вели Хаџиу.
Тој додаде дека Министерството за економија за деветте дуќани веќе му префрлило 2,6 милиона денари на „Еснаф“, што е околу 42.000 евра. За останатите 51 дуќан засега во Министерството планираат да потрошат 6 милиони денари, а за целиот проект се планирани 500.000 евра.
Според Хаџиу, 60-те дуќани предвидено е да бидат завршени до крајот на март.
– И понатаму ќе продолжиме со унифицирање на излозите. Целта е да се унифицира целата Скопска чаршија – истакна тој.Морина објасни дека првите девет дуќани што ќе добијат нов изглед се наоѓаат спроти некогашното кино „Напредок“, сега Детски театарски центар на улицата Евлија Челебија.
– На овие девет дуќани ќе им се сменат излозите, прозорците и ќе се постават нови тенди. Исто така, ќе добијат двојазичен натпис така што сите ќе бидат унифицирани – вели Морина.
Сите 60 дуќани за реновирање се во блокот 3.2 од Чаршијата, кој го опфаќа делот од главниот влез од страната на Бит-пазар до другиот влез кај Детскиот театарски центар. Тоа е единствен блок за кој има усвоен детален урбанистички план.
Од „Еснаф“, како организација за заштита на Чаршијата, велат дека настојуваат таа да се унифицира, да заживее и да го добие стариот сјај како единствена ваква чаршија на Балканот и тоа по примерот на сараевската Баш-чаршија.– Сакаме да се создаде ред во Чаршијата, да не се наруши нејзиниот изглед, но и имиџ со дивоградби. Сакаме сите да бидат еднакви – заклучи Морина.
Kаблите ќе се наместат под земјата, ќе се постават камери на секои 20 метри.
Претседателот на Здружението на еснафите на Старата чаршија, Бејтула Морина, најави дека наскоро ЕВН целата електрична инсталација ќе ја постави под земја, а „Македонски телеком“ ќе ја покрие Чаршијата со интернет со оптички кабел.
– Наведените проекти ќе ги реализираат ЕВН и „Телеком“ така што ние воопшто нема да бидеме финансиски оптоварени. Целта е да не висат повеќе кабли и Чаршијата да добие брз интернет со пакети со поволни цени.
Проектите се работат и, најверојатно, работите ќе се одвиваат паралелно со изведбата на излозите на 60-те дуќани. Останува конечно да се договориме. Потоа сакаме да поставиме камери на секои 20 метри и на тој начин Чаршијата ќе биде под надзор 24 часа. Тоа допрва ќе го работиме – информирa Морина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.