| четврток, 6 декември 2018 |

Странските и домашните експерти едногласни: Може да се стигне на избори на 24 април

izbori-21

Има услови да се одржат изборите на 24 април. Има доволно време избирачкиот список да биде прочистен – сметаат поголем дел од домашните, но и странските експерти. Тие се согласни дека евентуалното одложување на изборите ќе донесе нови безбедносни и економски ризици за Македонија. Странските аналитичари пат велат дека западноевропските земки треба да разберат што се случува од стратешка перспектива.

Претседателот на Групата на европски народни партии и на демохристијаните во Парламентарното собрание на Советот на Европа Аксел Фишер пред неколку дена упати апел до сите партии во Македонија да не ги бојкотираат изборите поради теснопартиски причини.

-Барам од Државната изборна комисија и од Министерството за внатрешни работи, кое е предводено од опозицијата во согласност со договорот од јуни/јули да ги направат сите подготовки за кредибилни избори. Никој не смее да го спречува овој важен процес. Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе распореди своја мисија за набљудување на изборите на 24 април. Се надевам дека сите политички партии ќе учествуваат на овие избори со што ќе го забрзаат евроинтеграцискиот процес на Македонија и нејзините граѓани – рече Фишер.

Во име на ЕК, портпаролката на Хан Маја Коцијанчич посочи дека за Еврокомисијата според податоците кои им ги дале ОДИХР и ДИК прифатлив е и датумот 24 април кога ќе се одржат изборите.

И пратениците во германскиот Бундестаг, Тобиас Зек, Ханс- Петер Ухл, Волкер Улрих и Вилфред Оелерс со став дека избори на 24 април треба да има.

-Изборите се најважниот дел на секоја демократија. Тоа е денот кога граѓаните ги избираат своите претставници. Ниту една партија, организација или институција не може да го попречи ова право. Ги поздравуваме и поддржуваме парламентарните избори на 24-ти април во Република  Македонија како најголема демократска можност за граѓаните да ги изберат своите претставници во Парламентот, да изберат кој ќе ја води државата во следните четири години. Укажуваме дека политичкиот договор од јуни/јули минатата година за надминување на политичката криза во Македонија е имплементиран со добра волја и изборите се последниот и најважниот дел од него. Го повикуваме опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија да не ги бојкотира изборите поради сопствени теснопартиски интереси. Бараме Државната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи, предводено од опозицискиот СДСМ, согласно договорот од јуни/јули веднаш да ги направат сите подготовки за кредибилни избори и да го прочистат избирачкиот список што е можно поскоро, и на тој начин да  обезбедат кредибилни избори – посочуваат тие.

Поддршка од меѓународната заедница за одржување на изборите на 24 април бара и поранешниот портпарол на НАТО Џефри Гордон.

-Треба да се поддржат парламентарните избори во април, за според договорот, да се обезбеди стабилност. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој ја водеше Македонија од 2006-та година се до оставката минатиот месец, е ставен на тест од СДСМ, кои планираат да ги бојкотираат изборите, а за тоа се користат со уцена. Неговиот главен противник, Зоран Заев, објави монтирани аудио снимки од приватни разговори на Груевски, тактика со која би се гордеело поранешното КГБ. Бидејќи анкетите не се во корист на Заев, тој се обидува да го заобиколи процесот. Ниедна демократија не би толерирала ваква политичка корупција. И најголемата иновација на Заев, дозволува цензура на медиумите, нешто што не враќа во комунистичката ера, пишува Гордон.

johanes han

Еврокомесарот Јоханес Хан уште во јануари месец изрази убедување дека може да се одржат фер и демократски избори на 24 април. Тој тогаш истакна дека лично од Претседателот на ДИК добил уверување дека може да се прочисти избирачкиот список до 24 парил и дека тоа нема да биде пречка за одржувањето на изборите

-Вечерва тројца од четворицата лидери беа сложни за датумот и гарантираа исполнување на обврските. Постои демократска определба за одржување на избори бидејќи има посветена влада и силна опозиција. Европската унија силно ќе ги надгледува изборите преку свои претставници и од европски институции. Досега се е хипотетички дали ќе се исполни договореното, изјави Хан.

И членовите на ДИК со исти став. Супхи Јакупи, член на ДИК се спротистави на изјавата на претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, дека нема услови за избори.

„Претседателот тоа не го стори. Требаше да го проучиме тоа дали, кога веќе политичките партии ни даваат согласност за методологиите, да ги усвоиме тие методологии и навремено да ги преземеме сите потребни дејства за да биде подготвено за избори“, рече тогаш Јакупи.

На изјавата на Чичаковски реагираше и Сашо Срцев, исто така член на ДИК.

„Комисијата има извонредна соработка со сите институции во државата и сметам декаа имаме капацитет и можности за да ги спроведеме предвремените парламентарни избори на 24 април како што стои и во изборниот законик, изјави Срцев.

Минатата недела член на ДИК за „Дневник“ посочи дека вкрстувањето ќе трае два-три дена, по што ќе следува проверка на терен на оние места, односно адреси каде што податоците ќе бидат спорни. Неговите проценки беа  дека Избирачкиот список ќе биде прочистен и затворен навреме за изборите да се одржат на договорениот датум, 24 април.

– Околу 20 февруари очекувајте ги нашите процени, кои, според мене, ќе бидат во корист на одржувањето на изборите во април – изјави член на ДИK од ВМРО-ДПМНЕ.

Уште еден член на ДИК, кој сакал да остане анономен, за дневниот весник изјавил дека вкрстувањето на податоците доцни заради тоа што тимот предводен од меѓународен претставник, во кој членуваат експертите по информатичка технологија и четворица припадници на најголемите партии, долго време вршеле „унификација на базите на податоци од 10-те институции“, односно бавно го вршеле собирањето на податоците што и се неопходни на Kомисијата за да го почне споредувањето.

Моја процена е дека оваа операција може да ја завршиме за два-три дена. По вкрстувањето на базите на податоци ќе видиме колку спорни записи ќе произлезат, по што ќе следува фазата на проверка на податоците на терен, односно во оние места каде што има недоследности – изјави членот на Kомисијата. И тој беше согласен дека ќе бидат завршени сите обврски за изборите да се случат на 24 април.

– Со тоа би имало услови изборите да се одржат на 24 април. Kога ова го говорам сметам и на периодот до крајот на март, односно дека проверката на терен може да се врши се до затворањето на Избирачкиот список, додава тој.

Хан изјави:

– Имавме договор од јуни/јули минатата година и дел од овој договор е одржувањето предвремени избори. Но, не можам да ви дадам одговор во моментов. Зависи од оценката на меѓународните институции и на Државната изборна комисија, за зрелоста за подготовка на изборите. Потоа, тие треба да донесат одлука.

Но истиот ден кога требаше да почне вкрстувањето на податоците, нова сопка од СДСМ. ИТ експертот предложен од СДСМ, Сашко Ристов кој е професор на ФИНКИ, направи обид да го кочи стартот под изговор дека има предавања на факултет во периодот кога треба да се вршат обврските  во ДИК.

dimitar-mircev-1-4-Custom

-Лично не верувам околу оцените дали имa услови за фер и демократски избори, сосем се субјективни оценките, посочи професорот Димитар Мирчев на дебатата на ТВ Нова.

Тој додаде дека нема индикатор кој би ги потврдил тие оцени.

-Се разбира тие се навиткувани од оние кои се плашат од изборите и однапред со пресумпција тврдат дека нема да бидат кредибилни, вели Мирчев и додава:

-Избирачките списоци, а за кои, пазете имаше оцени и од ДИК минатиот пат кога Хан беше во посета на Скопје а тоа дека за 10 дена можат да се прочисти избирачкиот список. Можеби не може точно за 10 дена, можеби за 20 дена.

Vladimir-Bozinovski-int85-2

Аналитичарот Божиновски посоли дека смета дека ние веќе имаме избирачки список, а прочистувањето е техничка операција која се спроведува пред секои избори. Со сличен став деновиве јавно излегоа и поранешни претседатели и членови на ДИК од СДСМ.

Избирачкиот список е техничка операција која се спроведува пред секои избори. Така да, тоа воопшто не е проблем. Ние веќе имавме избирачки список, само треба да се надополни за оние кои што станале полнолетни, да се отстранат оние кои што се починати, и оние кои се одјавиле од македонското државјанство. Така да, тоа не ниту проблематична ниту долготрајна операција која треба да се направи. Тоа што го прави претседателот на ДИК, ние видовме дека тој делува сам, а се обидува да го претстави како став на ДИК. Тоа е исклучиво во некаква консултација или по налог на оние кои го предложиле односно на Зоран Заев, изјави Божиновски за Сител.

Аналитичарот Сотир Костов посочи дека смета дека избори на 24 април треба да има.

-Договарано, предоговарано, по трет пат потврдувано, влезено во неколку законски прописи, поминато во Собрание…Тогаш беше многу важно да се определи датумот, поминаа неколку месеци и сега оддеднаш кога сè се помина помалку или повеќе квалитетно, се спроведоа сите одредби од тој договор од Пржино, се вади митот за избирачкиот список и дека ние имаме катастрофален избирачки список што не е точно, додава Костов.

Политичкиот аналитичар Тони Науновски смета дека никако и никој што и мисли добро на нашата држава не смее да дозволи да се одложат изборите на 24 Април, затоа што Македонија и премногу дозволи против себе самата и најдлабоките национални интереси. Тој смета дека  осмислена стратегија на ова раководство на СДСМ е да спречат демократски избори, затоа што на сите такви досега народот децидно гласал против севкупните политики на СДСМ.

Политичката совест на оние од СДСМ, која сигурно пробива во нивната партиска свест, се повеќе ги прави политички ирационални, и се повеќе ги открива нивните крајни намери –  да ја превземат власта без гласање, избори и демократска одлука на народот кој единствено може да даде политички легитимитет. После ова спуштање на нивото на јавното и политичкото во РМ, што трае повеќе од една, премачна година за секој разумен Македонец, СДСМ ќе ја добие заслужената изборно-гласачка казна, наскоро, на 24 Април, вели Науновски.

Според универзитетската професорка Татјана Каракамишева – Јовановска избори на 24 април ќе има, а Република Македонија согласно Уставот и согласно меѓународното право има суверени граѓани кои одлучуваат за својата земја.

-Суверенитетот на граѓаните е највисоката, суверената власт во државата. Не е највисока власт во државата ниту онаа што ја покажува Заев на прес-конференции, ниту онаа што некои амбасадори на странски држави сакаат да ни ја наметнат. Суверената власт е во народот, во граѓаните, и ако и сакаме добро на нашата татковина, ако сакаме во услови на сериозни предизвици со кои се соочува цела Европа, вклучително и ние, да се справуваме со нив како стабилна и цврста држава, мора да излеземе на избори и да организираме стабилни политички институции кои ќе ја штитат државата од сите неволји и опасности што и демнат. Судбината на Република Македонија мора да остане во граѓаните и во народот, заклучува Каракамишева- Јовановска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top