Екипата на РК Вардар ги продолжува настапите во Лигата на шампионите овој викенд. Во СЦ „Јане Сандански“ доаѓа екипата на Кристијанштад која му го нанесе првиот пораз во есенскиот дел на македонскиот шампион.
Во таборот на вардарци предупредуваат дека шведскиот состав доаѓа во Скопје растеретен и без резултатски притисок, и поради тоа може да биде незгоден противник кој игра брз ракомет во текот на целиот меч.
Тренерот на Вардар Раул Гонзалес напоменува дека мора да се спречат брзите контри и мирно да се гради нападот за нова победа во Лигата на шампионите.
– Кристијанштад игра добар ракомет, а згора на тоа шведските ракометари не чувствуваат притисок. Играат добра 6-0 одбрана, од која произлегуваат опасни контранапади. Ние во изминатата недела имавме доволно време да одмориме, да тренираме и да го анализираме противникот, што не беше случај пред дуелот со Некар Левен. Како и секогаш, сакаме нашата сала да биде полна, јасно е дека кога играме дома играме подобро пред полни трибини. Неизвесен е настапот на Штербик, кој има проблеми со тетивата и не тренираше во претходните денови, но доколку не биде подготвен за настап верувам дека Ангелов и Милиќ одлично ќе си ја завршат работата. Карачиќ сигурно нема да биде во комбинација за настап. Тој ќе дојде денеска, па ќе видиме кога ќе може да се врати на терените“ – истакна Гонзалез на денешната прес-конференција.
Српскиот интернационалец Мијајло Марсениќ е свесен дека фаворитската улога што им припаѓа на „вардарци“ ќе мора да биде оправда на теренот.
– Мечот в сабота е многу важен за нас, за психолошки да се вратиме на вистински пат. Кристијанштад доаѓа да одигра натпревар без притисок, ние ќе се обидеме да одигрме што подобро, добро трениравме во изминатиот период. Апсолутно фаворити сме, но тоа мораме да го покажеме и на теренот, клучно ќе биде да се неутрализираат контранападите на шведскиот состав – изјави Марсениќ.
Мечот меѓу Вардар и Кристијанштад се игра в сабота со почеток во 17.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.