В сабота, 20 февруари, 2016 година, во Македонската опера и балет ќе се одржат две матине-претстави за деца. Новитет за оваа претстава е тоа што за првпат ќе се одигра на два јазика, македонски и албански. Претставата на македонски јазик е закажана за 11 часот, додека таа на албански, во 13 часот. „Клинг-Кланг“ е музичка авантура за деца која како серијал за запознавање со музиката на најмладата популација, ја востанови гостинката од Австрија, Урсула Хорнер.
Тоа што е посебно важно за оваа претстава е активното учество на децата во неа. Ќе имаат можност директно да се запознаат со музичките инструменти, кои низ приказна ќе им ја доловат музиката како феномен. Ќе имаат можност да пеат, ракоплескаат и да поставуваат прашања до сите учесници на сцената. Во нашата неделна матине-претстава, ќе се запознаат со гудачките инструменти.
Во недела, 21 февруари, 2016 година, со почеток во 12 часот, Македонската опера и балет ќе одржи матине-претстава за деца. „Доктор Офболи“ е една од најгледаните детски балетски претстави и по тој повод добитничка на „Златна Буба Мара“ за 2013 година. Тоа е класична сказна за вечната борба меѓу доброто и злото, во која на крајот, се разбира дека ќе победи ДОБРОТО. Изобилува со прекрасна музика, костими и сценографски елементи и децата ја следат со воодушевување. Кореографијата за оваа претстава на сцената на МОБ ја пренесе прославениот балетски мајстор од Русија, Михаил Крапивин.
Цената на билетот изнесува 150 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.