В сабота, 20 февруари 2016 година, на Малата сцена, ќе се одржат две матине претстави за деца. КЛИНГ КЛАНГ 3 „1000 Волшебни звуци“.(Музичка авантура за деца)
Новитет за оваа претстава е тоа што за прв пат ќе се одигра на два јазика, македонски и албански. Претставата на македонски јазик е закажана за 11 часот, додека таа на албански, во 13 часот. „Клинг-Кланг“ е музичка авантура за деца која како серијал за запознавање со музиката на најмладата популација, ја востанови гостинката од Австрија, Урсула Хорнер.
Она што е посебно важно за оваа претстава е активното учество на децата во нејзе. Ќе имаат можност директно да се запознаат со музичките инструменти, кои низ приказна ќе им ја доловат музиката како феномен. Ќе имаат можност да пеат, ракоплескаат и да поставуваат прашања до сите учесници на сцената. Во нашата претстава, ќе се запознаат со гудачките инструменти.
„ДОКТОР ОФБОЛИ“ – Балетска претстава за деца
В недела, 21 февруари, 2016 година, со почеток во 12 часот, Македонската oпера и балет ќе ја одржи, балетската претставата за деца„Доктор Офболи“.
Една од најгледаните детски балетски претстави и по тој повод добитничка на „Златна Буба Мара“ за 2013 г. Тоа е класична сказна за вечната борба помеѓу доброто и злото, во која на крајот, се разбира дека ќе победи доброто. Изобилува со прекрасна музика, костими и сценографски елементи и децата ја следат со воодушевување. Кореографијата за оваа претстава на сцената на МОБ ја пренесе прославениот балет мајстор од Русија, Михаил Крапивин.
Цената на билетот изнесува, 150 денари.
Билети на Билетарницата на МОБ, контакт тел: 02 3118-451
online: www.mob.com.mk и низ продажната мрежа на
www.mktickets.mk |