| четврток, 6 декември 2018 |

Завршницата од кошаркарскиот куп без организирани навивачки групи?!

Kup Rabotnicki 2015  (4) (Custom)

Завршниот турнир од кошаркарскиот Куп на Македонија ќе се одржи претстојниот викенд во Гевгелија, а на истиот најверојатно ќе биде забрането присуство на гостински навивачи. На оваа тема се уште се водат дискусии меѓу организацискиот одбор и претставниците на МКФ, но јасно е дека самата сала, на која има само една трибина, многу тешко ќе може да прими повеќе навивачки групи, уште повеќе ако се знае дека в петок на програмата ќе бидат дури четири натпревари во низа, во кои ќе учествуваат вкупно осум екипи.

– Немаме ништо против навивачи од другите градови, но реалната ситуација е таква што салата е мала, има само една трибина, така што тешко ќе може да се најде место за навивачки групи од други градови. Вратите за навивачи надвор од Гевгелија нема да бидат затворени, но дефинитивно нема да можеме да примиме поголем број на фанови за претстојниот турнир. Безбедноста на присутните мора да биде над се и разговараме со агенцијата за обезбедување за да се најде решение што е најдобро за сите – истакнуваат од организацискиот комитет на овој завршен турнир.

Организаторите ќе ги објават цените на влезниците в среда, за кога е закажана и прес-конференција во Гевгелија.

Петочната четвртфинална програма ќе стартува со мечот МЗТ Скопје – Бест во 13 часот, потоа во 15.30 силите ќе ги одмерат Карпош соколи и Струмица, во 18 часот ќе се сретнат Работнички – Куманово, а домаќинот Кожув во 20 часот ќе се бори за место во полуфиналето против екипата на Фени индустри.

Победниците в сабота ќе се сретнат во полуфиналните пресметки, а големото финале е закажано за недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top