Со проекцијата на новиот филм на браќата Коен, „Аве Цезар“ синоќа во Берлин свечено беше отворен 66. по ред Берлински филмски фестивал, познат како Берлинале.
– Со ова го отвораме 66. Берлинале, објавија заеднички претседателката на годинашното фестивалско жири Мерил Стрип и директорот на Фестивалот, Дитер Козлик.
Пред тоа, на присутните им се обратија германската државна секретарка за култура Моника Гројтерс и градоначалникот на Берлин, Михаел Милер, кои предупредија и на моментот на емигрантската криза, во контекст на годинашниот слоган на Берлиналето – „Право на среќа“.
Најавено е дека главниот протагонист на филмот „Аве Цезар“, Џорџ Клуни денеска ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел за да разговара за емигрантската криза.
– Сакам да видам што можеме заеднички да направиме – изјави Клуни, кој е познат по својата хуманитрана активност.
Во филмот „Аве Цезар“ на браќата Џоел и Итан Коен, Џорџ Клуни толкува лик на холивудски актер од 50-тите години на минатиот век, кој славата ја здобил со историски филмови, но во текот на снимањето на еден филм е киднапиран.
Инаку, на годинашното Берлинале во повеќе од десет сали ќе бидат прикажани 434 филмови.
Фестивалот ќе трае до 21 февруари, а наградите ќе бидат доделени на свечена церемонија на 20 февруари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.