Ветришта чии налети достигаа брзина и до 150 километри на час го зафатија во понеделник западниот дел на Франција и Германија, како и југот на Англија, создавајќи проблеми во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, а издадено е предупредување од можни поплави заради големите бранови на атланскиот брег, пишува „Макфакс“.
Ветровите со силина од 139 километри на час дуваа на западот и северозападот на Франција, каде што властите прогласија тревога и го повикаа населението на „најголемо внимание“ заради бурата која засега има причинето помала штета.
На западот на Франција 14.000 потрошувачи останаа без електрична струја, а пожарникарите мораа навечер да интервенираат заради паднати стебла и електрични столбови. Намалувањето на силата на ветерот се очекува во понеделник навечер.
На југот на Англија, поројните дождови проследени со ветришта со јачина од 155 километри на час, ги принудија властите да ги затворат патиштата, а проблеми има и во железничкиот и поморскиот сообраќај.
Речиси 5.000 домаќинства се без електрична енергија, а и англиските власти издадоа предупредување за можни поплави.
Метеоролозите очекуваат силни ветришта на југозападот кои во текот на денот ќе се префрлат кон Лондон. Британските сообраќајни служби ги повикаа возачите да ги проверат метеоролошките состојби пред да тргнат на пат.
Во Германија силни ветришта се очекуваат во текот на денот со налети од 85 до 100 километри на час. Заради најавеното невреме откажани се карневалските поворки во понеделник во Дизелдорф и Мајнц.
Најстариот карневал во тој регион, оној во Келн кој потекнува од 1823 година, сепак ќе се одржи, но со мерки на претпазливост: забранета е употреба на знамиња, големи паноа, големи картонски кукли и коњи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.