| четврток, 6 декември 2018 |

„Пеперминт“: Драган Вучиќ треба да се заштити со закон!

За себе велат дека свират рол и дека меѓу сите рокенролери, тие се само ролери. „Девојката со точакот“, „Твоето куче“, Ама ако“ – на нивниот заразен ритам и секогаш оригинални текстови ретко кој останува имун. Иако постојат уште од 1990 година, групата „Пепрминт“ составена од Горан Трифуновски–Пајак,  Јане Тодоровски–Фанк, Златко Доневски– Бозо и Ана Трифуновски–Скво, и ден-денес ја нарекуваат „освежување“ на македонската сцена, а неодамна како потврда за својот успех освоија и „Златна бубамара на популарноста“ за најдобра група во 2012 година.

Сите имате интересни прекари, но Ана, твојот најмногу ми се допадна – Скво! Тоа е затоа што си единствена жена? (squaw- индијанскиот назив за жена или сопруга).

Ана: Не знам, Горан ми го даде прекарот. Прво бев Ана Индијана, ама сега ме нарекоа Скво, веројатно затоа што ако не ставам пудра, лицето ми е црвено.

pepermint-1

Пеперминт

Да почнеме со она што е најново кај вас, а тоа новиот договор за соработка со „Горила продукција“. Што ви вети Васко од „Горила“?

Јане: Третиот камен од сонцето!

Горан: Аууу Васко ни вети дека ќе ни купи авион. Шесто сетило ќе се развие кај нас и ќе гледаме повеќе од другите луѓе што гледаат (се смее)

Бозо: Дека ќе пркнеме, е баш така ни рече.

 

Од вашиот втор и последен албум „Ама ако“ поминаа само два месеци, но, сепак, може да се тврди дека од публиката е прифатен и повеќе од добро. Колку сте вие задоволни?

Горан: Многу сме задоволни, направивме песни со кои уште го докажуваме она што го почнавме со првиот албум, ама сега сме значително подобрени во однос на продукцијата. Како зрееме ние – така зрее и нашата музика.

Јане: А, богами и техниката што ја користиме при интерпретирањето на аудиозаписите кои се наоѓаат  на нашиот втор студиски албум „Ама ако“. Тоа! (се смее)

 

 

Кога сме кај техника, кажете ми ја таа за создавањето на вашите песни. Веројатно често ве прашуваат како ви паѓаат на памет такви оригинални текстови. Толку едноставни, а толку лесни за секој да се пронајде во нив.

Горан: Е тоа не знааеме ни сами, да ти кажам право. Тие едноставно доаѓаат сами. Спиеме, се будиме и ПАП! Текст! Готово, во главата е целиот, книга, едноставно си тече текстот како чешма. Ете така ни доаѓа од работите што досега сме ги поминале, сме ги проживеале, сме искусиле, од таму е инспирација. Сакаме нешто искрено да кажеме во нашите текстови и тоа што излегува внимаваме да биде позитивно, да има некаква порака кон младите генерации затоа што чувствувам некоја родителска одговорност кон децата, а и возрасните кои не слушаат, зошто и возрасните некогаш биле деца.

pepermint-3

Горан Трифуновски – Пајак

 

„Девојката со точакот“ е издадена одамна, но вистинската популарност ја доживеа подоцна – некаде пред 2-3 години? Зошто баш тогаш ?

Горан: Па така се случува со сите групи. Еве сега почнуваат да стануваат хит песните на некои бендови од 50-тите и баш сега правевме муабет дека новите бендови се навраќаат кон старата музика и сега слушаат „Лед цепелин“ од нигде никаде, бидејќи таму се корените. А „Девојката со точакот“ мислам дека си беше хит од почетокот, сега само ја видоа уште 50 луѓе плус.

 

Соработувате со многу артисти и на вториот албум…

Горан: Ние сме отворен бенд за соработка, посебно со сите наши фанови, значи може да дојдат кај нас во студио на проба и да играат и да груваат, сурфаат, ролаат. И многу сакаме да нѐ викаат на хуманитарни настани бидејќи навистина сакаме да помогнеме со нашата музика. А бидејќи социјалната помош во Македонија е многу мала, на нашите концерти сите што ќе покажат социјална книшка, може да влезат без пари.

Бозо: Да, ова е отворен повик.

Горан: Инаку, многу го почитуваме Драган Вучиќ, бидејќи е басист.

Јане: Гледам на социјалните мрежи дека има толку многу омраза кон тој човек, не ни е јасно зошто.

Горан: Ние многу го сакаме и да постои маичка со Драган Вучиќ, јас би ја носел.

Јане: Тој човек треба да биде заштитен со закон, како што се „Зи-Зи-Топ“.

 

Јане ми кажа дека работиш во радио. Кои се, всушност, вашите дневни работи, што работите покрај музиката?

Јане: Всушност, не сум единствениот во бендот што работи во медиум. И Горан и Ана порано работеа заедно во медиум, така и се запознаа, а моментално само јас и Ана сме јавачи на радиобрановите. Јас во Студент ФМ, а Ана во „Лајф“.

Ана: Од сабајле си почнуваме со работа, и јас и Јане имаме утрински емисии, завршуваме и после тоа ако немаме ангажмани или фотосесии со бендот си одиме по дома, ако не…

Горан: Ако не, земаме Оскари. (се смее). Јас многу сакав да работам во циркуз, ама не ме примија, така што завршив глума и сум актер по професија, но се трудам приватниот живот да го одвојам од професијата и колку што е можно да бидам поискрен. И, исто така, сум скротувач на комарци и сите видови инсекти.

Бозо: Јас работам во фирма за тестенини и правам тарана и така го исполнувам останатиот дел од денот кога не свирам.

pepermint-2

Пеперминт

Веќе подолго време не сте имале настап, дали ви недостигаат свирките?

Горан: Многу сакаме свирки, а и имаме многу свирки, не можеме да кренеме глава, секој ден правиме проба, а понекогаш и еднаш во месецот, како ќе ни дојде.

Јане: Во секој случај, кога немаме подолго време настап како сега – ние сме болни!

Ана: Инаку, кога немаме проба заедно, си правиме проба секој по дома, кој колку може, Бозо можеби и поретко бидејќи свири на тапани, но Горан и Јане нонстоп сме со гитарата и басот.

Горан: Да, нонстоп! Дури и често знаеме да се договориме онака после полноќ да се видиме и да праиме проба на некоја песна каде што нешто не ни штима и да ја приспособиме за настап.

Јане: Тоа знаеш како изгледа? Застануваме двајцата пред лаптоп и не го вклучуваме „скајпот“ и цело време мислиме дека сме поврзани. Всушност, сме поврзани, ама телепатски.

Горан: Многу пати знаеме заедно со Јане и Бозо да се изненадиме и самите и на проба да излезе некоја нова песна, онака во моментот. Секоја наша свирка е различна, приказна и премиера сама за себе.

 

Која од тие песни ќе ја промовирате следна?

Горан: Нова песна и видеозапис ќе биде „Бранка“, која ја каниме на игранка.

 

Постои Бранка?

Горан: Сите постојат, и Бранка, и девојката со точакот, и Сара, и ќерката на наставникот (таа посебно), и Ако постои, и кучето, и време постои и Сапун постои. Е таа песна „Сапун“ ја слушнале само луѓето кои ни доаѓаат на концерти. А тие што не дошле, нема ни да ја слушнат никогаш бидејќи нема да ја ставиме на албум, само во живо ќе ја свириме.

Јане: И тоа само ако сакаме!

 

А што слушате вие дома?

Бозо: Сите различно, јас слушам метал, рок, панк, рап, Горан слуша џез, Анче слуша „Пинк“, ама не телевизијата, туку оваа другата. Можеби и затоа успеваме како бенд бидејќи сите сме на некој начин различни. И единствената работа што не поврзува е што сите имаме рамни табани

Горан: И тоа што не сакаме да дигаме тешки работи, а и рудници не почитуваме.

Јане: Од рудници почитуваме рударски рок. Јас сум многу среќен што во последно го открив сурф рокот и копање на некои стари бендови. Тоа не е ретроградно, туку напротив сакаме да ги испитаме тие почетоци.

 

Дали постои нешто што јас не ве прашав, а сакавте да го споделите?

Горан: Тоа дека Евровизија е најголемата повраќаница од манифестаија за која се замараме во Македонија, треба да се укине или треба да се укине. Нема друго. Треба да се откажеме од Евровизија затоа што очигледно „нешто е гнило во државата Данска“.

Бозо: Нека слушаат добра музика младите дечки, нека не посегнуваат по лоши работи и нека се сакаат.

Горан: Лонг лив Република!

Разговараше: Марина Костовска
Фото: Ѓорги Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top