По две години српската писателка Јелена Бачиќ-Алимпиќ е повторно во Македонија. Таа е најчитаниот српски автор, а, како што вели, македонските изданија ги следат српските во чекор, така што промоцијата на македонското издание на „Казна за гревот“ беше проследена со присуство на авторката, која потпишуваше книги за читателите, стрпливо се фотографираше со нив, разговараше за романите „Рингишпил“, „Писмото на госпоѓа Вилма“, „Последната пролет во Париз“… Го искористивме присуството за да поразговараме за најновата трилогија и за новинарството како професија со која се занимавала 28 години.
Вашата најнова книга објавена на македонски јазик е насловена „Ноќта кога дојдоа сватовите“ и е првиот дел од трилогијата „Казна за гревот“. Дали во Србија е објавена целата трилогија? За што станува збор во ова дело?
Бачиќ-Алимпиќ: Вториот дел од трилогијата излегува на 9 февруари во Србија и многу бргу ќе биде објавена и овде кај вас. Македонските изданија ги следат српските во чекор. Книгата е сага за две семејства од почетокот на 20 век, за една невозможна љубов, која била забранета бидејќи била одредена со сталешки норми. Двата главни лика се Емилија, која е ќерка на ковачот и слугинка и Михалјо, кој е син на грофот Херцег и на грофицата Јулијана. Сиромашното семејство работи на имотот на богатото, грофовско семејство и бидејќи и Михајло и Ема се приближно иста возраст, тие растат заедно, стануваат многу блиски, најдобри пријатели, а кога израснуваат во момче и во девојка сфаќаат дека тие, всушност, се поврзани со една неверојатна љубов и нераскинлива врска. Но, таа врска не е остварлива бидејќи е ограничена со сталешките норми, морални гледишта…Така што првата книга „Ноќта кога дојдоа сватовите“ говори за љубовта. Мошне е емотивна и би рекла тоа е најемотивната книга што сум ја напишала досега… Во втората и во третата книга ја плетам приказната на повисоки нивоа на кои ќе има многу перипетии во нивната судбина, така што мислам дека ќе им биде интересна на читателите. Во Србија изданието помина одлично и за два-три месеца е продадена во повеќе од 40 илјади примероци. Читателите реагираа прекрасно и со нетрпение го чекаат вториот дел од трилогијата, но јас по малку се плашам од тоа дека сите ќе ме мразат кога ќе прочитаат што направив во втората книга. Но, конечно, во третата книга ги откривам сите тајни за кои пишував во првите две книги.
Во Вашите книги мотивот секогаш е љубовта, а велите дека ова е вашата најљубовна книга… Понекогаш дејствата се како на филмска лента, а се споменуваше и снимање филм според романот „Рингишпил“?
Бачиќ-Алимпиќ: Како што велам на едно место: „Невозможно е да се спознае љубовта без грев и гревот без љубов. Единственото нешто што е важно е вистината што ја чуваме во душата, а секоја душа е грешна. Дури и тој што преку ден му се смее на светот, а навечер плаче по него, знае дека гревот е нераскинлив дел од љубовта“. Што се однесува до снимањето според мојот роман – станува збор за телевизиска серија, не за филм. За ова се решивме бидејќи доколку се снима филм ќе треба голем дел од романот да биде исфрлен. И продуцентите во Србија беа позаинтересирани за серија. Прво разговаравме со мојот колега Дејан Луткиќ, кој би бил продуцент, но таа приказна не можеме да ја истуркаме сами. Имаше идеја да го придвижиме проектот со Русите и јас длабоко верувам дека еден ден ќе биде реализирана.
Забележлива е доминацијата на приказните за малите-големи луѓе, салашите и уметниците, поетите и нивните музи, волшебните салаши и гратчиња, утрата што мирисаат на слатко од дуњи и незаборавни руски зими… Дали причината за тоа е што живеете во Нови Сад?
Бачиќ-Алимпиќ: Што се однесува до оваа трилогија „Казна за гревот“, особено книгата „Ноќта кога дојдоа сватовите“, тоа е точно. Иако подоцна во трилогијата јас заминувам и на други места, не се задржувам само на салашот. Тоа ми беше мошне лесно да го пишувам бидејќи, едноставно, тоа е мојот сензибилитет. Израсната сум во таа рамнина, го познавам животот и карактерот на тие луѓе, така што пишував со многу љубов и со многу знаење за начинот на живот и за условите таму и мислам дека ги допрев тамошните луѓе бидејќи често читателите кога ги читаат книгите ми велат дека тоа е како да гледаат филм, што е прекрасно. За оваа книга ми требаше најмалку истражување од сите други. За втората требаше, навистина, сериозно истражување, за третата, која ја пишувам, исто така, истражувам, а кога ќе ја завршам, ќе одам в пензија на едно две години. За мене ова беше толку амбициозен книжевен потфат бидејќи напишав илјадници страници за неколку месеци што беше мошне напорно да се сработи.
Велите дека истражувате за секоја книга. Дали некои од ликовите што се сретнуваат во романите навистина постојат? Дали се правени според некој вистински лик?
Бачиќ-Алимпиќ: Не, не постојат во реалноста. Во сите мои книги јас ги измислувам ликовите и сѐ е производ на фантазијата, иако во карактерите на јунаците сигурно им давам особини на ликови што ги познавам во реалниот живот, кои ми значат. Сепак би рекла дека секоја сличност е случајна.
За кусо време успеавте да напишете и да објавите многу страници од неколку романи, истражувате за сето тоа што ќе го ставите на хартија… Колку работата како новинар со која претходно се занимававте Ви помага во сето ова?
Бачиќ-Алимпиќ: Ова е одлично прашање. Кај мене новинарството мора да се наоѓа на некое потсвесно ниво, односно тие сознанија што сум ги собрала додека работев како новинар 28 години. Кога станува збор за истражување, најверојатно, подобро се снаоѓам бидејќи тоа сум го работела цел живот, но книжевноста за мене е целосно одвоена од новинарството. Читателите знаат дека јас пишувам со еден целосно книжевен стил, каде што нема ниту трага од новинарскиот стил, така што во таа смисла сметам дека воопшто не се поклопуваат, но, во секој случај, новинарството е корисно за пишување. Во таа смисла, речиси 80 проценти од авторите на бестселери во светот претходно работеле како новинари: Иво Андриќ, Ернест Хемингвеј и многу други барем еден дел од животот го поминале работејќи како новинари.
Велат дека новинарството е професија што кога ќе ви влезе под кожа, тешко се напушта. Со оглед на тоа дека со леснотија се откажавте од камерите и од новинарството и ги заменивте со пишување романи, дали некогаш Ви недостига новинарството, телевизијата и адреналинот карактеристичен за таа професија?
Бачиќ-Алимпиќ: Не, воопшто. Тешко е да се поверува, но и сега кога одам да гостувам во телевизии, кога давам интервјуа, како никогаш да не сум го работела, едноставно немам желба. Тоа ме прашуваат и моите колеги, дали би се вратиле, но мојот одговор е секогаш ист: „Само ако морам!“ Сега живеам мирен живот, со помалку стрес… Јас бев голем работник, без никаква пауза, многу години и, верувајте, телевизијата ме истроши и немам желба и во ниту еден миг не сум помислила дека ми недостига и дека би се вратила. Просто е неверојатно, но изгледа како мојот живот да е поделен на две половини: едно време го работев тоа што морав да го работам и сега, просто, се пронајдов себеси и својот мир.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 178. број на неделникот „Република“, 29.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.