Голем дел од граѓаните парите и накитот, во колкав обем тие и да се, ги чуваат и ги кријат дома, не верувајќи им на банките и на штедните книшки. Оваа македонска реалност ја искористија многу крадци, кои влегуваа во домовите, пребаруваа по нив и на крај, секако, заминуваа со добар плен. За реализација на криминалните планови не треба голема умешност, како кога гледаме на филмовите како се отвораат сефови по дома, бидејќи македонските семејства и не поседуваат сефови. Тие своите скапоцености ги кријат под перница, по плакари, по фиоки, а тие места се лесно достапни за луѓето што се во потрага по лесна добивка. Токму ваквите ситуации продуцираа пораст на интересот за закуп на сефови по банките. Тоа, пак, резултираше со нова ситуација, во некои банки практично да нема слободни сефови за изнајмување, па да се набавуваат нови за да може да се одговори на потребите на граѓаните. Досегашната практика докажува дека сефовите се најбезбеден начин за чување на вредните работи.
– Користењето граѓански сефови во практиката се покажува дека е едно од најбезбедните решенија за чување и за заштита на вредните предмети на клиентите. Последните неколку години постои голем интерес кај граѓаните за користење сефови. Во прилог на тоа говори информацијата дека сефовите со кои располагаме се речиси целосно искористени – информираат од НЛБ Тутунска банка, каде што во својата понуда на производи ја имаат и понудата за користење граѓански сефови.
Се изнајмуваат секакви сефови по димензија и за различни периоди на користење.
– Согласно со понудата, клиентите можат да се одлучат за неколку димензии на сефови и за времетраењето на закупот, во зависност од своите потреби. Би требало да се спомене и дека согласно со тарифата на НЛБ Тутунска банка, поисплатливо е користење, односно закуп на сеф на рок подолг од еден месец. Вообичаено, сефовите се закупуваат на подолги рокови, најчесто годишно – додаваат од НЛБ Тутунска банка.
Сепак, факт е дека за разлика од западните земји, практиката на користење сефови во Македонија не е доволно застапена. Во земјава, бројот на изнајмувачи се менува понекогаш и во сезони, а најмногу ги има во летниот период, во време на одмори или кога се враќаат гастарбајтерите.
– Се забележува зголемен интерес за користење сефови во периодот на годишните одмори. Овој зголемен интерес е разбирлив, имајќи ја предвид желбата на граѓаните да ги заштитат своите вредности во периодот кога не се дома. Инаку, од досегашната практика, може слободно да се констатира дека свесноста на граѓаните за користење на граѓанските сефови е на многу високо ниво. Навистина голем број граѓани се одлучуваат да ја користат оваа услуга од НЛБ Тутунска банка и фреквенцијата на посетеност е доста голема. При користењето на граѓанските сефови, клиентите најчесто сакаат да ги заштитат своите лични вредни премети како што се накит, предмети од сентиментално значење на клиентите, хартии од вредност, документи за сопственост на имотот, снимени резерви од софтверски програми. Би нагласиле дека во граѓанските сефови не е дозволено да се чуваат предмети кои се забранети со закон и предмети кои ја загрозуваат општата безбедност – објаснуваат од НЛБ Тутунска банка.
Со оглед на тоа дека чувањето вредни работи во сеф значи дека тие не се „оплодуваат“, граѓаните кои имаат повеќе пари на располагање преферираат да добијат нешто отколку ништо, па поголемите суми ги чуваат како орочени штедни влогови. Тие што чуваат пари во сеф се лица на кои парите им се потребни за располагање. Во нив најчесто се чуваат злато и накит и други вредни работи.
Според информациите од некои банки, цената за месечното изнајмување сеф во банка варира од 210 денари до 900 денари, зависно од големината. Годишниот закуп може да го чини закупецот од 2.100 денари до 9.000 денари. Најчесто сефовите се закупуваат на подолг рок, односно годишно. Во сефовите може да се чуваат пари и накит и други вредни предмети, но не е дозволено да се ставаат запаливи предмети и предмети подложни на експлозија, радиоактивни материи, оружје, предмети подложни на распаѓање, расипување, разлевање. Сефот се отвора со два клуча, од кои едниот е кај клиентот, а другиот е во банката.
Компаниите што продаваат сефови посочуваат дека побарувачка имаат од банките што им се најчести клиенти, но исто така, купувале и компании. Искуството покажува дека граѓаните слабо се заинтересирани да купат сеф за дома.
– Во Македонија граѓаните немаат навика да ги чуваат своите вредни предмети и документи во сефови или во друг вид сигурносна опрема. За жал, откако ќе им се случи кражба или пожар, се распрашуваат како да ги чуваат и тогаш можат и да купат од помалите сефови. Грешка прават и голем број компании, кои најчесто бараат да купат евтини сефови, не водејќи сметка за нивниот квалитет, при што се прави голема грешка од причина што таквите сефови брзо се разбиваат или се крадат цели – велaт продавачите на сигурносна опрема.
Во Европската унија постојат пропишани правила за тоа што и каде треба да се чува, односно за секој сеф има максимум одредена сума пари што би требало да се чува во него. Ако сефовите во кои се чуваат вредностите, парите и документите не се соодветни, осигурителните компании не исплаќаат премии. Во Европа, кога станува збор за сигурносна опрема со сертификат (сефови, трезори), се мисли на опрема атестирана согласно со европските стандарди за сигурност и која поседува европски сертификати како доказ за тоа.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 178. број на неделникот „Република“, 29.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хакери украле 15 милиони долари од повеќе банки во Мексико
-
Саша Поповиќ го ограбил пријател од естрадата: Точно го знаел секој милиметар во куќата
-
Се нудат на продажба: Банките им ги лапнаа хациендите и фирмите на познати македонски политичари и бизнисмени
-
Прилепчанец оштетен за 70 000 евра: Од подрумот му украле евра, долари, франци и злато