| четврток, 6 декември 2018 |

Над четири илјади Македонци лани заболеле од рак

Пет центарот, набавката на дигитални мамограф, нови линеарни акцелератори и бесплатниот скрининг се само дел од мерките на здравствените власти за навремено дијагностицирање и лекување на пациентите со малигни заболувања

На  4.200 Македонци лани им бил откриен рак.  Кај мажите доминира карциномот на бели дробови, а кај жените на дојка. Смртноста од малигните заболувања во Македонија е во пораст за разлика од многу европски земји каде има намалување. За подобрување на ваквата состојба, денеска пет здруженија ја формираа Алијансата на пациентски организации, 2016 ја прогласија за година на борба против ракот  каде со здружени сили ќе работат на превенцијата, дијагнозата и третманот.

– Во Македонија стапката на смртност од рак во периодот од 2000 до 2012 година е зголемена за дури девет отсто. Во другите земји во Европа стапката на смртност континуирано опаѓа, на пример во Германија е намалена за 15 отсто, во Грција за 14 отсто, во Словенија за 7 отсто – изјави Биба Додева, претседателка на здружението „Борка“.

Неколку години по ред, овие здруженија имаат поддршка од првата дама Маја Иванова. Нејзината порака е дека со партнерски однос може успешно да се менаџира борбата против ракот.

– Мораме да бидеме проактивни, мораме да преземеме конкретни мерки и акции. Голем исчекор во таа насока е поставување на малигните болести на ниво на приоритет во здравствениот систем на Република Македонија, а уште повеќе прогласувањето на 2016 година за година на борба против ракот во Република Македонија. Да имаме исполнета агенда и да водиме бројни активности за заедничка борба против ова заболување, рече Маја Иванова.

Пет центарот, набавката на дигитални мамограф, нови линеарни акцелератори и  бесплатниот скрининг се само дел од мерките на здравствените власти за навремено дијагностицирање и лекување на пациентите со малигни заболувања.

-Дисперзирање на онколошката терапија е најнова мерка на Министерството за здравство, со цел таблетарната и хемотерапијата болните од малигни заболувања да ја добиваат во близина на местото на живеење. Покрај овие мерки, неопходни се и превентивните мерки како здрав начин на живот, здрава исхрана, физичка активност, избегнување на стрес, загадена околина, алкохол, цигари, радијациско зрачење, директна изложеност на сонце, изјави Јованка Костовска, државен советник во МЗ.

Во светски рамки над 8 милиони луѓе секоја година умираат од рак. Гонинешното мото за борба против малигните заболувања е Ние можеме, јас можам!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top