Ракометарките на ЖРК Вардар по двонеделна пауза ги продолжуваат настапите во Лигата на шампионите. По лошиот резултат во Подгорица и катастрофалниот пораз од Будуќност во четвртото коло во „Јане Сандански“ доаѓа екипата на Савехоф која во досегашното натпреварување нема освоени ниту еден бод.
Ракометарките и стручниот штаб имаа доволно време сериозно да се подготват и да ја сфатат тежината на овој натпревар бидејќи со евентуален неуспех се затвараат вратите за пласман во следната рунда.
Од таборот на „црвено-црните“ најавуваат дека нема да го потценат противникот и ќе атакуваат на победа во сите 60 минути.
– Се надевам дека в сабота ќе одработиме максимално професионално и со два бода ќе ја развеселиме целата македонска спортска јавност. Не размислуваме за изгледот на табелата, знаеме дека тие се тим што редовно учествува во ЛШ и што секогаш инсистира на исто темпо на игра, без оглед на резултатот. Многу работевме на тоа, знаеме какви се скандинавските клубови, нема да паднеме во нивното темпо, туку ќе инсистираме на нашата игра и да се вратиме во ритам по оној пораз во Подгорица. Ние веќе не можеме да калкулираме, туку мораме да настојуваме да победиме на сите преостанати натпревари – изјави Индира Кастратовиќ.
Андреа Лекиќ исто така потенцираше дека клучно ќе биде да се исфрли противникот од темпото во кое Савехоф игра во текот на 60-те минути од сите свои натпревари.
– Многу важен натпревар за нас, имајќи во предвид дека во последното коло против Будуќност не го покажавме нивото на игра што од нас се очекува. Секој натпревар е премногу важен, без оглед на противникот, овој меч ни е важен за да прикажеме добра игра и да си ја кренеме самодовербата. Савехоф е екипа што игра добро во текот на сите 60 минути, така што ќе треба да ги исфрлиме од ритамот во кој тие инсистираат да играат – изјави Андреа Лекиќ.
Воедно, претседателката Гордана Нацева го потврди заминувањето на Јан Питлик од стручниот штаб, на чие место дојде Давид Дејвис, кој досега му беше прв асистент на Раул Гонзалез во машкиот тим на Вардар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.