| четврток, 6 декември 2018 |

Награда за животно дело на „Златна бубамара на популарноста“ за дуетот Селимова-Желчески

Легендите на македонската народна музика дуетот Селимова-Желчески се добитници на наградата за животно дело на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која ќе се одржи во втората половина на февруари во скопската Метрополис арена.

Од радио „Бубамара” најавија дека датумот на одржување ќе биде , најверојатно, 18 февруари, и деновиве ќе го соопштат точниот.

Кефсер Селимова и Ѓорѓи Желчески се брачно-музичко дуо од Македонија, кое како фолк-дует започна да постои од 1961 година. “Прво почнавме да работиме заедно, а потоа се вљубивме еден во друг. Сите овие години пееме љубовни песни. Тие нe одржаа”, изјавија Кефсер и Ѓорѓи во интервју за „Вест” во 2010 година. Во Белград живеат од 1963 година.

Првиот албум за дискографската куќа „ПГП РТБ” го издадоа во 1973, а оттогаш имаат издадено 11 албуми и 11 сингл плочи. Најпознати се по песните „Марија”, „Пуста била меана”, „Врати ми се”, „Љуби ме, љуби ме”, а имаат издадено и албуми со преработки на македонски народни песни. Во 55-годишната кариера, наградата на „Златна бубамара” ќе им биде прва од Македонија. Приватно, тие се родители на 36-годишната ќерка Ана, која работи како туристички водич.

Публиката со нетрпение го очекува најновото издание на „Златна Бубамара“, кое оваа година е под мотото „Да се собереме пред пред да нѐ соберат“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top