| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се реконструира булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“: Патувањето до Центар покусо за 20 минути

Градот Скопје објави тендер за избор на градежна фирма што ќе го реконструира булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ на територијата на општина Чаир.

Со претстојниот зафат ќе се рехабилитира коловозот и ќе се постави ново улично осветлување на потегот од улицата „Џон Кенеди“ до улицата „Рокомија“, во должина од околу 600 метри. Проценка на градските власти е дека реализацијата на проектот ќе чини околу 1,3 милион евра. Тендерот за избор на најповолен понудувач е отворен до 22 февруари, за кога е закажано и јавното отворање на пристигнатите понуди.

Паралелно со изборот на изведувач на работите на овој сегмент од сообраќајницата, на терен во моментов се одвиваат градежни активности за пробивање на булеварот кон север, на територијата на општина Бутел. Градот планира годинава да ја искористи за изведба на модерна сообраќајница со шест коловозни ленти на сегментот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до по крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“, во должина од 1.000 метри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top