Француската кошаркарска репрезентација може да обезбеди учество на Олимписките игри во Рио доколку ги помине квалификациите, кои ќе се одржат од 4 до 10 јули.
Според групата во која учествува, настапот на Олимписките игри не би требало да биде доведено во прашање. На турнирот во Манила заедно со Филипини, Нов Зеланд, Канада, Турција и Сенегал, Франција е голем фаворит. Сепак најдобриот француски кошаркар и ѕвездата на Сан Антонио Тони Паркер би можел да ја напушти репрезентацијата поради семејни причини.
Паркер објави дека тој и неговата сопруга чекаат дете, а породувањето се очекува токму во периодот непосредно пред Олимписките игри.
– Мојата сопруга е бремена, терминот за породување е кон крајот на јули и тоа многу ја компликува ситуацијата. Ќе видиме дали можам да ѝ помогнам на репрезентацијата, уште ништо не сум одлучил, но јасно е дека календарот е прилично компликуван – изјави Паркер.
Олимписките квалификации се играат во периодот од 4 до 10 јули, а ОИ се од 5 до 21 август. Тоа значи дека, ако одлучи да настапи на турнирот во Манила и подоцна на Игрите, Паркер ќе биде зафатен цело лето. Поради временската и температурната разлика, европските селекции ќе заминат за Рио многу порано со цел кошаркарите да се аклиматизираат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.