– За Македонија да тргне напред потребни се слободни, фер, кристално чисти демократски избори. На 24 април такви избори не може да има. СДСМ, коалициските партнери и многу други партии нема да учествуваат на еднострано закажаните избори на 24 април. Договорот во Пржино беше склучен за да се надмине политичката криза, а не да се продлабочи – посочи денеска Зоран Заев, лидерот на СДСМ.
Тој обвини дека има фантомски гласачи, поради што била нарушена суштинската смисла на демократијата на која се поставени темелите на современа Република Македонија.
-СДСМ и коалициските партнери нема да отстапат од оваа борба. Без прочистен избирачки список и без слободни медиуми нема фер и демократски избори – рече Заев.
Заев како можен датум за одржување на изборите го спомена 5 јуни.
– До 5 март, како што е по закон, а тоа е 50 дена пред денот на изборите, има 37 дена. Ако се стигне до 15 април плус 50 дена, 5 јуни би можел да биде проектиран датум за избори. Ако се стигне до 15 мај, 5 јули би можел да биде првиот проектиран датум за избори. Колку и да навлегуваме во аргументите, конечно, ако сакаме враќање на демократските институции во државата треба да престанат и Заев и Груевски и кој било политичар да лицитира со датумот на изборите. Постои методологија, постои закон. ДИК е таа што првпат има тројца независни експерти и токму таа треба да каже точен термин кога ќе го заврши прочистувањето на Избирачкиот список и во согласност со тоа можеме да седнеме и да го проектираме датумот за избори односно ДИК да го проектира датумот за избори – рече лидеротна СДСМ Зоран Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.