Француската министерка за правда Кристијане Тобира поднесе оставка на функцијата, соопшти денеска Елисејската палата.
Министерката за правда денеска на претседателот на Републиката му ја предаде оставката, која тој ја прифати. Тие се согласија дека е потребно таа да ја напушти функцијата во моментот кога во Националното собрание започнува дебатата за уставните промени, стои во соопштението на Елисејската палата.
– Претседателот на Републиката и изрази благодарност на Тобира за нејзината досегашна работа. Таа со решителност и успех ја спроведуваше реформата на судството и играше значајна улога во усвојувањето на законот за брак за сите, стои натаму во соопштението на Елисејската палата.
Како што јави дописникот на МИА, на местото на Тобира е назначен пратеникот Жан Жак Урвоас, кој заедно со премиерот Мануел Валс ќе биде носител проектот за промени на Уставот, со кои треба да се зајакне борбата против организарниот криминал и за реформа на кривичното законодавтсво, која опфаќа и предлог за одземање на државјанства на лица кои имаат двојно државјанство во случај на вмешаност во терористички акции.
Ваквиот предлог доведе до поделба во владејачката левица, па дури и самата Тобира беше против него.
Инаку, Тобира во изминативе години како министер за правда често беше изложена на жестоки напади и критики, меѓу кои и поради нејзиното бранење за законот за „брак за сите“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.