Завршена е подготовката на Македонското село, кое се наоѓа спроти манастирот „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези на Водно, на територија на Општина Kарпош. Со оваа нова туристичка атракција ќе стопанисуваат хотел „Квинс“ и „Тинекс“.
Владиниот проект „Македонско село“ е комплекс што се состои од 12 автентични куќи: беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора. На долните катови од куќите на посетителите ќе им биде прикажан некој занает карактеристичен за регионот. Во битолската куќа ќе биде прикажан грнчарскиот занает. Ќе има вработен – занаетчија што ќе изработува грнчарски производи, а посетителите ќе можат и сами да се обидат да направат или да си купат готов грнчарски производ. Во кратовската куќа ќе постои винарска визба, бидејќи некогаш кратовскиот регион бил познат по тоа што се производството на квалитетно вино, а во галичката куќа ќе се произведуваат познати галички млечни производи. Во делчевската куќа ќе има ткајачница, а во прилепската секако ќе биде прикажана обработката на тутунот.
Туристите ќе имаат можност да преспијат во апартманите што се наоѓаат на вторите катови од куќите. Најавено е дека ќе има 51 соба за ноќевање, продавница за сувенири и музеј на отворено со кој ќе стопанисува Музејот на Македонија.Во комплексот има ан наменет за ручање, а во рамките на струшката и на кумановската куќа во помали ресторани гостите ќе се служат со традиционални јадења како кумановски мезалак. Изградени се и валалница, воденица, штала и други карактеристични објекти за нашиот крај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.