Албумот „Без шминка“ доаѓа девет години по нејзиниот последен албум, но сепак во вистинско време и за неа и за македонската музика. Вели има материјал за уште два албума, но планот за 2016 година на Елена Ристеска е освојување на балканската сцена, каде што по „Твоето лице звучи познато“ голема е заинтересираноста за неа.
Пејачката веќе работи со неколку балкански ѕвезди, а наскоро се можни и дуети со некои од нив.
Не е дека те немаше целосно, но еден период не беше доволно присутна на музичката сцена. Кога почувствува дека е време поактивно да продолжиш со музиката?
Ристеска: Речиси секоја година издавав по еден сингл со спот или сето тоа беше поради учество на фестивал. Но, се склопија коцките токму сега и затоа продолжувам поактивно да сум посветена на музиката. Убаво е чувството кога ѝ недостигате на публиката и кога бара од вас поголема музичка присутност и секогаш тој факт ме враќа на сцената. Но, не зависи секогаш сѐ од вас. Некогаш сѐ ќе направите за да бидете присутни, а, едноставно, не ви се наклонети ѕвездите.
Албумот „Без шминка“ звучи и изгледа зрело, но тоа што го прави уште попосебен е што текстовите на песните се твои. Колку време работеше на нив и колку се тие автобиографски?
Ристеска: „Без шминка“ е една искрена приказна создавана подолг временски период, која содржи многу автобиографски сегменти и едно емотивно разголување преку едноставни лесно разбирливи фрази. Со Дарко Димитров создадовме оригинални песни и се надевам дека еден ден ќе прераснат во евергрини. Имам една композиција насловена „Доживотно“ од Александра Милутиновиќ со која на следниот албум ќе имам поголема соработка и една песна е од Тоше „А, можевме“ од проектот „Тоше и пријателите“, која ми е и една од најдрагите песни во кариерата.
„Некогаш сум нежна како роза, некогаш сум како коприва, но кога заспивам, со чиста совест се покривам“ – дел од песната „Без шминка“, стихови, кои, рече, одамна стоеле во твојата фиока. Кога почна да се пронаоѓаш и во пишување текстови? Сметаш ли дека еден пејач е покомплетен уметник кога и самиот работи на својата песна?
Ристеска: Јас сум автор на текстови и на композиции уште од првиот ден кога почнав професионално да се занимавам со музика, веќе 14 години, и моето пронаоѓање во музичкиот свет во целина и како автор и како пејачка е уште од годините кога почнав да зборувам и да разбирам. Комплетниот музичар е секогаш во предност, за разлика од пејачите што не се автори бидејќи секогаш влијаете на приказните што ги пеете и на создавањето на музиката, многу често периодот во кој се наоѓам ми го диктира стилот на албумот што го создавам. Но, има и уште една предност, а тоа е дека доживотно се поврзувате со музиката. Доколку интересот за вас како пејач еден ден избледи и дојдете во години во кои не сакате веќе да пеете, додека дишете можете да бидете автор и тоа нема врска со возраста туку со способноста да бидете во чекор со времето и со креативноста.
Албумот излегува неколку години по твојот последен албум, но не чекаше само ти толку долго за издавање на нешто ново. Што мислиш, зошто македонската музичка сцена се најде во ваква стагнација?
Ристеска: Мојот албум излегува по девет години, што нема никаква поврзаност со состојбата на музичката сцена, туку само од мои приватни причини. За среќа, му дојде време за издавање и по неколку напорни недели подготовка, дизајн, доснимување и печатење, ја доживеа и својата промоција на 28 декември. Со Дарко Димитров со години работевме на многу музички теми и имаме материјал за уште минимум два албума, но морав некако да ја завршам оваа приказна и стил на композиции, покласични и по поп-рок стил на песни. Следниот проект ќе биде мое враќање на аренбито. Дел од песните од овој албум ќе ги препеам на некој од јазиците на поранешните југословенски републики за балканскиот пазар и во следнава 2016 година ќе се обидам да се вгнездам уште поцврсто на балканските простори преку музиката. Работам и со тим од балкански автори како Александра Милутиновиќ, Хари Варешановиќ и други, а со неколку балкански докажани пејачи веќе имам соработка или работам на дуети.
Тука се надоврзува и прашањето за настапите, фестивалите, промоциите… Како и повеќето твои колеги што со години опстојуваат на сцената, сигурно паметиш многу подобри времиња. Колку е важна конкуренцијата, соработките, колегите што те тераат да направиш нешто подобро?
Ристеска: Сите паметиме подобри времиња кога се работи за состојбата на музичката сцена. Имаше масивна продукција на песни и на спотови, но и музички емисии и настани, со еден збор имаше клима за сѐ, но и простор под музичкото небо за секого. Сега на почетниците им е многу потешко бидејќи немаат медиумски простор за да го промовираат тоа што го сработиле, ниту се пуштаат спотови, ниту постојат домашни забавни емисии. Има обиди за настани, фестивали и концерти на одредени институции или поединци, секако и на државата, но нема атмосфера за ништо. А музика има, има и нови музички потенцијали. Најголемата „мака“ се авторските и изведувачките права. Тука сме најниско платени во споредба со целиот балкански регион и пошироко, а имаше и обиди за драстично намалување на средствата што ни следуваат од изведбата на нашите дела. Ако јас годишно добивав сума со три нули за преку 70 напишани текстови, меѓу кои и моите песни и песни од други изведувачи, моите колеги од соседна Србија земаа и по 30-40.000 евра од авторски права годишно, а изведувачите по минимум 10.000 евра само од изведувачки права. Епа замислете колку би било кога би се намалила и таа скромна сума што ја земаме ние авторите и пејачите во Македонија. А да не споредувам со светската сцена и тоа дека од еден хит авторите и пејачите живеат цел живот само од авторските и од изведувачките права. Како по сето тоа да постои мотив и елан за работа кај нас? Автоматски нема реална конкуренција, се броиме на две раце тие што реално заработуваме и живееме од музиката достоинствено, само од концертите и од настапите низ Македонија, а многу поретко од спонзорствата за нашите проекти или од годишните спонзори-фирми што ја помагаат нашата работа.
Тебе лично, кој од нашите музичари те инспирира да се надградуваш?
Ристеска: Да бидам искрена, инспирацијата секогаш ја барам во странските музичари бидејќи не сакам да сум слична со ниту еден свој колега, што, секако, не е ни возможно бидејќи сите сме различни и доволно оригинални. Но, не можам да кажам дека не ме инспирираат колегите како Каролина, Тамара, Калиопи, Владо… и во голема мера помладите колеги со својата иновативност и свежина на идеите, дали во однос на музиката и на стилот или, пак, со некој професионален потег, сепак подобро е да се инспирираме меѓусебно и така заеднички да растеме и да се надградуваме. Малку сме на сцената, и токму затоа треба да се држиме и поддржуваме сите како еден. Денес сме тука утре може не, нема простор за нетрпеливост, само сплотување и позитивна енергија.
Со учеството во „Твоето лице звучи познато“ балканската публика имаше можност да те запознае подобро и беше добар почеток за подобро освојување на тамошниот пазар. Какви се твоите планови на ова поле?
Ристеска: Токму такви се замислите за оваа 2016 година. Посветување на балканскиот пазар во поголема мера од досегашните години. Сега е вистинско време за нови соработки, нови дуети со докажани балкански ѕвезди, на кои веќе работам со полна пареа. За среќа, по шоуто ТЛЗП заинтересираноста на Балканот за мене и за мојата музика е голема, па така газам на поцврста почва кога се работи за освојување на тамошната публика. Но, сепак, потребна е работа и упорност за да се освои друга публика, освен македонската. Балканот бара еден посебен начин на интерпретирање, мелодии и стил на аранжмани и продукција, па затоа е потребна адаптација на побарувањата на тој пазар.
Не само во македонските, туку и во балканските медиуми, вриеше за турбуленциите во твојот приватен живот. Сметаш ли дека молчењето е најдобар браник против овие написи?
Ристеска: Кога веќе некои медиуми не му дозволуваат на аудиториумот да ме запознае во вистинска светлина туку го сервираат тоа што ним им се чини соодветно за да создадат некоја своја, а сепак погрешна слика за мене, да, со големи букви ДА, молчењето е моето најдобро оружје. Што и да кажам, демантирам или објаснувам, кој како сака си сфаќа, душегрижниците ќе го констатираат како правдање, а тие што заслужуваат мои одговори и мое подобро приватно запознавање, мојата публика, на „тацна“им ги сервирам сите мои одговори и објаснувања преку музиката и текстовите. Уште многу одамна се решив на такви принципи и однесување кон јавноста и по 14 години кариера си потврдив дека тоа е единствениот и вистински начин на „самоодбрана“, преку музиката. Најважно е дека јас си го трасирам својот пат полека, но сигурно и ги остварувам своите цели, а не живеам во животи туѓи. Секој со својата карма и во зависност од тоа каква енергија праќаме до космосот, иста таква енергија ќе ни се врати.
Разговараше: Марина Костовска
Фото: Ани и Дими
(Интервјуто со Елена Ристеска е објавено во 176. број на неделникот Република, 15.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!