Францускиот премиер Мануел Валс изјави во врска со бегалците дека „не може да им се каже да дојдат сите“, бидејќи тоа претставува „шок“.
– Како можеме да абсорбираме повеќе од милион бегалци за само неколку месеци? Тоа е голем предизвик, ние не можеме да ги прифатиме сите бегалци кои сакаат да ја напуштат Сирија- истакна Валс во интервју за швајцарска телевизија пред неговото пристигнување во Давос на економскиот форум.
Запрашан за приемот на стотиците илјадници бегалци од Германија, Мануел Валс одговори дека „тоа е избор на Германците и треба да се почитува“, зборувајќи за „традицијата за прифаќање на Германија, правото на азил и потоа политичкиот, економскиот и демографскиот проект“.
Францускиот премиер притоа нагласи дека Франција не го направи истиот избор како Германија.
– Во Европа во која немаше методи за контрола на границите, центри за прифаќање на беглаците, пораките кои создаваат движења кои повеќе не се контролирани претставуваат страшни проблеми во нашите општества, објасни Валс.
Тој смета дека „Европската унија треба да каже дека повеќе не е можно да прифати толку многу мигранти и да најде решенија за тие повеќе да не ја напуштаат Сирија или пак да бидат прифатени од соседните земји“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.