Велешката полиција поднесе кривични пријави за членот на Извршниот одбор на ВМРО-НП, Слободан Близнаковски, и за претседателот на општинскиот комитет на партијата во Велес поради загрозување на сигурноста на советничката во Општината, Рајна Стојанова, и на нејзиното семејство, информираат од МВР.
Според полицијата, причината за заканите била одлуката на Стојанова, која на локалните избори е избрана за советник во општина Велес да премине во советничката група на коалицијата ,,За подобра Македонија“.
Поради нејзината одлука, уште истата вечер окулу 22.30 часот на нејзиниот телефон ѝ се јавил Близнаковски упатувајќи ѝ повеќе навреди, обвинувајќи ја дека за преминувањето има добиено пари, со напомена дека треба да се видат и да го решат проблемот.
Во саботата во 10.30 часот, претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-НП, отишол во домот на Стојанова, каде што ѝ се заканил со зборовите: „Да знаеш ќе донесат специјалци од Бугарија и нема да помине сѐ така лесно, тоа ти е поздрав од Љубчо Ѓорѓиевски“.
Вчера претседателот на ОК ја известил советничката дека вечерта ќе има состанок на Општинскиот комитет на ВМРО-НП во просториите на партијата во Велес, но поради тоа што оштетената претпоставувала дека ќе има одредени притисоци, му кажала дека нема да дојде на состанокот, но ја променила одлуката откако добила уште еден телефонски повик.
Стојанова сакала да им ги објасни на членовите и нејзини пријатели причините за нејзината одлука да премине во спротивната политичка опција. Кратко време по нејзиното доаѓање на состанокот се појавил Близнаковски во својство на координатот на третата изборна единица од редовите на ВМРО-НП. Тој побарал да се разговара за случајот и побарал од оштетената да го врати мандатот. Таа не сакала за сите причини на нејзината одлука да зборува пред сите присутни, по што првопријавениот им рекол да ја напуштат просторијата и тој и неговиот заменик останале да разговараат со неа.
Сопругот на оштетената, кој бил пред објектот каде што се одржувал состанокот бил известен од член на одборот дека таа останала сама со двајцата и дека може да има проблеми, по што тој повикал полиција. Од страна на групата за интервенција излезено е на самото место, но советничката им кажала дека ќе разговата со двајцата за да се разреши состојбата, по што полицајците си заминале. Кога останале сами, Близнаковски почнал да ѝ упатува сериозни закани по нејзиниот живот и животите на членовите на нејзиното семејство со зборовите: „Ти на мек тон не разбираш, ќе треба да ти кажам грубо доколку не го вратиш советничкиот мандат, ти и твојата фамилија ќе бидете искоренети, не си свесна што правиш и што ќе ти се случи, ќе дојдат луѓе од страна – знаеш од каде, од Бугарија“. За тоа време, според досегашните сознанија, заменикот само слушал, но не упатил никакви закани.
Стојанова видно се вознемирила и се уплашила за својот живот и животот на своето семејство, па по враќањето на членовите на Општинскиот комитет го напуштила состанокот и заминала со својот сопруг, по што случајот го пријави во полиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МВР потврди: Лице од битолско виновен за оштетените камења на македонско-грчката граница
-
МВР: Добивме потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил
-
Кривична пријава за загрозување на сигурноста и ширење ксенофобичен материјал на социјални мрежи
-
МВР не знае колку малолетници се исчезнати во државата: Каква статистика води полицијата за исчезнатите лица?


