| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија лесно и убедливо славеше над Црна Гора

makedonija rakomet

Македонската ракометна репрезентација на пет дена пред почетокот на Европското првенство во Полска во рамките од подготовките славеа убедлива победа над Црна Гора со 35-28. Нашите репрезентативци одиграа квалитетен меч, клучната предност стекнувајќи ја во финишот од првото полувреме, стигнувајќи до првата победа во овие подготовки, по двете реми средби со Словенија. Селекторот Обрван им даде шанса на речиси сите ракометари, а покрај повредениот Филип Лазаров воопшто не настапија Филип Талески, Никола Митревски, Милорад Кукоски и Никола Маркоски.
Црна Гора беше рамноправен противник се до 20.минута од првото полувреме кога со двата седмерци стигнавме до предност од 13-11. Од тој момент нашата репрезентација почна на моменти да игра и атрактивно. Капитенот Кире Лазаров и Манасков ги излудија црногорците.
До крајот на полувремето Македонија дојде и до највисока предност од 19-14.
Во вториот дел гостите се обидоа со два гола во серија да намалат и да дојдат до позитивен резултат, но избраниците на Ивица Обрван одигра маестрално и со цврста одбрана во неколку наврати им овозможи на брзите крила повторно да ја одведат нашата репрезентација до висока разлика. Финишот беше само рутина, македонската репрезентација знаеше како да ја задржи убедливата предност за конечни 35-28.

manaskov

Дејан Манасков беше најефикасен во македонската репрезентација со дванаесет погодоци, пред Кире Лазаров со седум, Немања Прибак со пет и Филип Миркуловски со четири гола.

Нашата репрезентација утре ќе одигра уште еден меч со Црна Гора, овојпат од затворен карактер, што ќе биде последна проверка на силите пред заминувањето на ЕП. Селекторот Обрван најави дека по тој втор меч ќе го скрати списокот на 16 ракометари кои ќе патуваат за Полска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top