Со првиот натпревар од групата 2 продолжија натпреварите во Лигата на шампионите. Македонскиот преставник ЖРК Вардар на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ потешко од очекувањата славеше победа со минимална предност од еден гол над ЦСМ Букурешт (22-21).
Ракометарките на Вардар како во грч го одиграа натпреварот кој според сите математики мораа да го добијат. Лошо го отворија натпреварот со негатива од три гола (3-6), но брзо ги консолидраа редовите и со серија од 6-1 стигнаа и до поопиплива предност од два гола во 22 минута (10-8).
Сепак до крајот на полувремето по тајмаутот на Расмунсен, тренерот на Букурешт, гостинките постигнаа три гола за да дојдат до нерешен резултат.
Во вториот дел се играше гол за гол во текот на сите 30 минути и ниту една екипа на направи разлика. Избраничките на Кастратовиќ во самиот финиш од мечот имаа неколку напади да дојдат до три разлика, но не ги искористија и на спротивната страна во одбраната можеа многу лесно да ја прокоцкаат шансата за победа, да не беше на голот капитенот Ина Суслина која го одбрани последниот удар на ракометарките на ЦСМ Букурешт на 20 секунди до крајот од мечот.
Најефикасна во таборот на „црвено-црните“ беше Андреа Лекиќ со пет голови, додека Пенезиќ и Дембеле постигнаа по четири.
Иако натпреварот имаше многу малку постигнати голови, ракометарката на ЦСМ Букурешт Исабеле Гулден постигна осум гола. На голот на гостинките беше феноменалната Хрватка Јелена Грубишиќ со 16 одбранети удари.
Во второто коло ЖРК Вардар му гостува на европскиот шампион Будуќност во Подгорица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.