Британското новинарство е сведено на ниво на тривијалност и инфантилност, а истражувачкото новинарство не ја интересира олигархијата што ги поседува и финансира медиумите, вели Британецот Тони Гослинг, поранешен новинар во радиото на Би-би-си и аналитичар, како одговор на прашањето на „Дневник“ како можело да се случи во „Гардијан“ да се појави измислена изјава, односно искривен наслов на текст кој се базира на интервју со македонскиот премиер Никола Груевски.
Според Гослинг, британските новинари ниту ја познаваат вистината за проблемот за името и воопшто за Македонија ниту, пак, им е гајле. Во интервју за „Дневник“ зборува за непрофесионализмот и пристрасноста на медиумите во Велика Британија, финансирани од група моќници на кои не им е потребно квалитетно новинарство.
За потсетување, неодамна во „Гардијан“ беше објавено интервју со Груевски, во кое насловот беше целосно изваден од контекст и гласеше дека земјава е спремна да го смени името за да го реши спорот со Грција. Самиот новинар демантира дека такво нешто премиерот воопшто изјавил правдајќи се дека насловот бил ставен во централата на „Гардијан“ во Лондон.
Патем, со Гослинг „Дневник“ разговара и за севкупните состојби во многу фаленото британско новинарство. Во еден од Вашите телевизиски настапи како аналитичар ги оценивте медиумските напади врз сегашниот лидер на опозицијата Џереми Kорбин како шокантно новинарство. Во еден момент како предмет на исто такво новинарство се најде и Македонија.
Kако ја коментирате постапката на „Гардијан“?
– Има една чудна ароганција во повеќето од медиумите во Англија, односно еден впечаток како новинарството за нив да е забава, без сериозни одговорности. Вистината е дека ниту некој тука знае за Македонија, за името, ниту некому му е гајле. И самите новинари на Би-би-си признаваат дека нивната работа е малку шега, малку забава. Ја уништуваат професијата до ниво на тривијалност и инфантилност. Состојбата е таква затоа што во Британија се десиндикализираа новинарите, но и затоа што новинарите се повеќе работат по принципот услуга за пријател отколку што вистински се квалификувани да работат во интерес на доброто за јавноста. Впрочем, тука станува исто како и во многу други области на општеството, но и не поинаку од земјите од третиот свет. Истражувачкото новинарство, како најважен вид, не ја интересира олигархијата што ги поседува, за нив тоа е скапа работа.
Дали според Вас нападите против Kорбин или, како што велите шокантното новинарство, се само евтин сензационализам или рефлексија на олигархиската политика што ги финансира овие медиуми?
– Лондонските медиуми се во голема мера контролирани од страна на противниците на Џереми Kорбин, односно од олигархијата. Погледнете ги моќните бизнисмени, близнаците сопственици на „Браќата Беркли“ (познати по своите бизниси во медиумите, недвижности и трговија на мало) кои го контролираат „Дејли телеграф“. Тие се како ликови од филмовите на Џејмс Бонд, живеат на таен остров, во даночен рај. Олигарсите се плашат од корените на Лабуристичката партија во движењата на синдикатите и нивниот успех во минатото, поточно многу ефикасното управување на социјалистичката економија – во 40-тите и 50-тите години по Втората светска војна, како и во 60- тите и 70-тите години во рамките на владата на премиерот Харолд Вилсон. Ефикасноста беше овозможена преку редистрибуција на парите од богатите кон сиромашните преку даноци за првите. Во основа медиумите се контролирани од страна на класа која не сака силна британска држава која ќе ги контролира нивните приватни империи, односно, како што велат, држава која ќе го национализира нивното богатство. Британските медиуми никогаш не биле попристрасни од сега, а доминантна на сцената е медиумската империја на Мурдок, сопственик на весници, книги, списанија, ТВ и радиовести…
Значи, кусо, Вашата оценка е?
– Не се независни. На еден објективен доаѓаат десет пристрасни. Сепак, споредено со САД, каде што медиумите се нула независни, овде барем има еден сегмент повеќе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!