| четврток, 6 декември 2018 |

Спасески: 2015-та една од најуспешните за АМС

marjanВо делот на капиталните инвестиции, ја имавме можеби најуспешната година досега со реализација и изградба на вкупно 56 спортски објекти низ целата држава. Од проектот за изградба на 35 спортски сали, досега 33 се изградија, а изградени се и 19 повеќенаменски игралишта. Минатата година започнаа да се градат 15 нови игралишта, кои ќе завршат со градба до средината на 2016 година. Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески давајќи отчет за работата на Агенцијата за 2015 година.

– Беа реализирани огромен број проекти, од кој бенефит видоа спортистите, спортските работници, младите луѓе и сите граѓани. Дополнително, во 2015 година ги започнавме со градба  и двете нови спортски сали во Домот за деца без родители „11-ти Октомври“ во Капиштец и во општината Шуто Оризари, кои ќе се изградат во текот на годинава, истакна Спасески.

Потсети дека досега од предвидените 120 тениски терени изградени се 74, а само во 2015 година 35. Во 2016, рече Спасески,  интензивно ќе се продолжи со градба на нови 18 терени.

– Она по што ќе биде обележана 2015 година е почнувањето со градба на затворениот пливачки базен во Охрид, кој ќе биде со ватерполо димензии и кој ќе ги реинкарнира спортовите по кои Охрид беше препознатлив, а тоа се пливањето и ватерполото. Станува збор за капитален проект, за чија реализација се издвоени околу 5 милиони евра од буџетот на Агенцијата за млади и спорт и кој очекуваме да заврши со градба до 2017 година, рече Спасески.

Информира дека за сите овие проекти, во 2015 година од буџетот на Агенцијата се издвоиле околу 210 милиони денари и дека за наредната година буџетот за капитални инвестиции на Агенцијата е двојно зголемен.

Спасески потсети дека минатата година Агенцијата со директната поддршка им помогна на професионалните спортисти, стручните лица и сите спортски работници. За младите и талентирани спортисти беа обезбедени 500 стипендии „Спортска надеж“, а најдобрите 300 ученици од училишните спортски игри беа наградени со бесплатно летување во Охрид. Минатата година, рече Спасески, првпат започнавме и со реализација на проектот „Стручна специјализација на македонски тренери во реномирани светски центри“, со кој досега опфативме 11 тренери, а се спроведе и проектот за нивно континуирано усовршување на 1.000 наставници од основното и средното образование.

– Крајот на 2015 година го одбележа еден од најновите и најзначајните проекти на Агенцијата за млади и спорт, а тоа е именувањето на првите „Амбасадори на спортот“. Владата, на иницијатива и предлог на АМС, донесе одлука со која ги именуваше првите македонски спортски амбасадори: Кирил Лазаров во Кралството Шпанија, Андон Дончевски во Австралија, Агим Ибраими во Република Словенија и Јошко Миленковски во Република Турција, како значајни личности кои придонесуваат за меѓународна промоција и афирмација на Република Македонија, истакна Спасески.

Во делот на младите, Спасески ги истакна проектите: „Млади поети“ и „Млади уметници“ како и проектот „Најдобар млад програмер“ со кој се стимулираат младите средношколци за продолжување на своето образование на техничките науки.

– Успешно го реализиравме проектот „Урбан ѕид“, преку кој 10 општини добија локации, на кои младите луѓе можат креативно да творат и да цртаат графити, без притоа да оштетат некој јавен објект. Одлична соработка, минатата година имавме со 30-тина општини и во делот на креирањето на локалните младински совети, со што вкупниот број на вакви младински претставнички тела во советите на општините се зголеми на 50-тина, рече Спасески.

Минатата година Агенцијата го промовираше и веб-сајтот mladi.ams.mk, наменет за  младите луѓе, кој содржи информации за значајните културни настани и манифестации, за обуки, пракса и вработување за младите, студентски попусти, и опширни информации за проектите и активностите на Агенцијата за млади и спорт и другите институции.

– Еден од најголемите приоритети и предизвици со кои се соочивме минатата година, во позитивна смисла, е изготвувањето на новата Национална стратегија за млади 2016-2025, која ја изготвивме во соработка и со поддршка на UNDP. Процесот започна на почетокот на 2015 година, во изработката беа вклучени сите заинтересирани страни, државни институции, младински и невладини организации, локалните младински совети во општините и преку стотина млади луѓе, кои директно учествуваа во креирањето на овој стратешки документ, истакна Спасески.

Според него, стратегијата во следниот период ќе влезе во владина процедура и по нејзиното усвојување активно ќе започне нејзината примена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top