Група научници соопштија дека, според резултатите на нивното ново провокативно истражување, успеале да регистрираат болка на снимките на мозок и за првпат да ја измери јачината на болката и да покажат дали лековите влијаат врз нејзино смирување или не.
Иако истражувањето е во почетна фаза, отвора пат за безброј можности. Овие снимки еден ден може да се користат за да се одреди дали бебињата, луѓето со деменција или парализираните луѓе кои не можат да зборуваат чувствуваат болка во дадени ситуации. Исто така, ќе придонесат за наоѓање нови лекови против болка кои не предизвикуваат толкава зависност. Може дури и да послужат во случаи за потврдување хендикеп.
– Многу луѓе страдаат од хронични болки и другите не им веруваат секогаш дека нешто ги боли. Ова го гледаме како начин да се докаже или потврди дека човекот чувствува болка, ако постои сомневање за тоа – изјави Тор Вагер, невролог од Универзитетот во Болдер, Колорадо. Тој го водеше истражувањето објавено во магазинот „Њу Ингланд журнал оф медисин“.
Засега истражувањето важи само за болка што се чувствува преку кожата, како, на пример, кога раката е изложена на топлина. Треба да се направат уште многу истражувања за слични видови болка, како главоболка, болка во грбот и болка причинета од некоја болест. Болката е најчестата причина поради која луѓето одат на лекар и нема начин да се одреди колку е силна болката освен според она што го кажува пациентот.
Неврологијата е во потрага по тестови или други видови скенери што ќе помогнат во дијагностицирањето на болестите со ментална или физичка компонента, како болката, депресијата или посттрауматични нарушувања на здравјето. Иако многу истражувања откриле делови од мозокот што се осветлуваат кога човекот чувстсвува болка, новите истражувања се први што резултираат со заеднички запис од сите овие сигнали што може да се употреби за да се измери интензитетот на болката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


