Во Европа има солидарност со нашите бугарски колеги, но јас ги повикувам сите во Бугарија да покажат солидарност со една земја чиј главен град е Скопје и чие име дури и не смееам да го изговорам.
Ова во интервју за Бугарското национално радио го изјави известувачот за Македонија на Европскиот парламент, Ричард Ховит, зборувајќи за шансите на земјава да добие пристапни преговори со Европската унија (ЕУ) во јуни годинава, јави јавност.мк.
Британскиот европратеник изјави дека внимателно ги ислушал сите предлози и забелешки на бугарските европратеници и ги вметнал на компромисен начин во својот извештај за Македонија, што минатата недела го усвои Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент.
– Сметам дека критиките и неопходноста од притисок во определени области ќе овозможат таа земја целосно да одговори на европските норми и стандарди во иднина. Тоа е и целта на извештајот. Време е да започнат пристапните преговори. Забелешките и причините за противење што ги имаат некои луѓе кон таа земја, треба да се решаваат во почетокот на преговорите откако тие ќе започнат. Тоа е пораката што ја испраќа мнозинството во нашата комисија, изјави Ховит.
Правејќи паралела со Бугарија пред да стане членка на ЕУ, Хоувит изјави дека тогаш Европската комисија дала ветување за присоединување на Бугарија кон ЕУ и тоа ветување го исполнила и покрај бројните критики и тогаш и денес, дека чекорот бил преуранет.
– Затоа, ако се вратиме на прашањето на земјата чиј главен град е Скопје – јас би ги повикал сите во Бугарија да се присетат во каква позиција беа пред неколку години и да помислат колку ќе беа разочарани ако Европа не го исполнеше ветеното, изјави Ховит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


