Државата не троши повеќе од она што и е дозволено и од она што е одобрено во Законодавниот дом, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
– Ниту еден денар не сме потрошиле повеќе од она што го одобрило Собранието, ниту можеме да направиме такво нешто. Оваа година ќе имаме и помал дефицит од она што сте го одобриле, рече Ставрески.
Тој додаде дека дефицитот зависи од приходите и расходите и оти на расходната страна не е отстапено ниту за еден денар.- Следствено на тоа, појасни, со повисоките приходи се намалува дефицитот.
Ставрески одговори на тврдењата на претседалот на Комисијата, Марјанчо Николов, кој рече дека со фискалните стратегии се зголемува јавниот долгот. Според Ставрески, овие стратешки документи се во рацете на извршната власт, а Владата одговора пред Собранието за својата отчетност.
– Фискалната стратегија подразбира одреден степен на флексибилност, во зависност од општите услови во домашната економија и во опкружувањето. Затоа, тоа е тригодишен документ, бидејќи дава рамка за буџетската политика и за јавниот долг во тие три години. Таа рамка се менува во зависност од опкружувањето, рече Ставрески.
Според него, не треба овој документ да го носи Собранието, бидејќи Владата ги носи политиките со кои се реализира фискалната стратегија.
– Дали реализацијата на одредени проекти ќе оди побрзо или побавно зависи и од подготвеноста на проектите и од нашата проценка за капиталните инвестиции кои треба да ги има во Буџетот. Со таквата политика и пристап ние ја спасивме македонската економија од колапс, каков што им се случи на соседните земји, а некои од нив се се уште рецесија. Обезбедивме работа за домашните фирми, обезбедивме намалување на невработеноста, потенцира Ставрески.
Според Ставрески, рестриктивниот Буџет со пониски расходи ќе резултира со пониски стапки на БДП. – Во сите земји кои водеа ваква политика, долгот се зголеми повеќе од она во Македонија. Таквите политики се контрапродуктивни во време на рецесија на европската и на светската економија, истакна Ставрески.
Фискалниот простор е искористен за да расте економијата и да се отворат нови работни места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.