| четврток, 6 декември 2018 |

Гечевски: Шесте странци ја уништуваат македонската кошарка

Без минутажа во матичниот клуб, само со тренинг, младите никогаш нема да станат добри кошаркари. Ако македонските тимови кои настапуваат и на меѓународни натпреварувања имаат потреба од шест странски играчи, барем да се воведе ново правило за натпреварите во македонската лига

Тодор Гечевски, македонската кошаркарска легенда, кој дваесет и две години беше доминантен на кошаркарските терени и со кој Македонија го постигна најголемиот успех, повлекува нова линија во кариерата и веќе наголемо работи за подобрување на квалитетот и на условите на младите кошаркари во нашата земја. Неговата цел е преку создавање квалитетни играчи да се подобри и квалитетот на македонската лига и да се создаде основа за сериозна репрезентација која ќе остане на картата на кошаркарска Европа. Се осврнува на правилото на шест странци во домашниот шампионат кој може целосно да ја уништи базата за создавање квалитетни кошаркари.

 

Оваа сезона е пресвртница во твојата кариера. Официјално ја заврши играчката кариера. Постои ли можност за враќање на терените или остануваш како координатор за младите селекции во „Работнички“?

Гечевски: Првпат професионално се сретнувам со новата функција во КК „Работнички“. Меѓутоа, сум имал можност играјќи во странски клубови како што се „Задар“ и „Паок“, каде што доста се негува младинската школа, да видам како функционира тоа. На патувањата со клубовите сум гледал како се работи и во други екипи како „Цибона“ и „Цедевита“. Сега, пред почетокот на сезоната со првиот тренер на „ Работнички“, Марин Докузовски, бевме во Србија да видиме како се работи и во другите клубови. Се надевам дека ние полека се движиме во еден доста интересен правец. Заинтересиран сум да го подигнеме нивото на квалитет на младинската школа на „Работнички“. Со тренирање еднаш дневно многу тешко ќе се стигне до квалитет. Имам желба и се обидувам да направам најмногу што можам и да го искористам целото мое искуство и знаење за да профункционира школата на „Работнички“ онака како што функционираше пред 10-15 години каде што најголемиот број играчи во Македонија и репрезентацијата беше составена од играчи на „Работнички“. Веќе можам и официјално да соопштам дека сум во некои преговори со ФИБА за вклучување на младинската школа на „Работнички“ за играчи до 18 години во младинската евролига за следната сезона. Постапката е во процедура. Натпреварувањето се игра турнирски и ќе биде од огромно значење за младите играчи кои се дел од школата на „Работнички“.

 

Покрај успехот и квалитетот што ќе го добие „Работнички“ со македонски играчи, ќе се подигне и квалитетот на репрезентацијата на Македонија?

Гечевски: Автоматски. Целта ни е да направиме една основа со домашни играчи на кои ќе им дадеме можност да собираат искуство во првата екипа, а сето тоа искуство и знаење да го пренесат и во репрезентацијата. Со тоа сум сигурен дека ќе се подигне и квалитетот на репрезентацијата.

 

todor-gecevski-sp171-3

 

Повеќе од дваесет и две години професионална кариера. Дефинитивно е тоа крај на кариерата на Тодор Гечевски?

Гечевски: Поминав многу и играв повеќе од осум години во странство. Пет во „Задар“, две во „Паок“ една во Италија и половина година во Германија. Сега засега, јас сум сигурен во мојата одлука за повлекување од активното играње кошарка. Се пронаоѓам во мојата нова функција која ме исполнува. Мислам дека нема да се вратам на терените. Сепак, оставам простор поради притисокот од колегите од „Работнички“, поточно од Ѓорѓи Чековски кој ми врши притисок да се вратам на тренинзите, меѓутоа, сега засега, успешно го одбивам (се смее).

 

Дали македонската кошарка и репрезентација трпи со правилото на шест странци? Ти беше еден од организаторите на Здружението на македонски кошаркари за да не се дозволи тоа?

Гечевски: Можеби правилото со шест странци е добро за една-две екипи за добра сезона или добра година. Меѓутоа, долгорочно гледано и за клубовите и за македонската репрезентација, правилото со шест странци е голем проблем. Млади таленти се без доверба дека може да успеат во својот клуб во кариерата. Гледаат да ја напуштат македонската кошарка и да си најдат иднина во некои други земји. Сведоци сме на неколку млади играчи кои веќе играат за други репрезентации, не сакаат да се вратат во македонската кошарка и во домашната репрезентација. Правилото со шест странци е една од причините за овој проблем. Не е проблемот ако заминеш во странство, ако стекнеш искуство и се вратиш да играш за репрезентацијата. Проблемот е со Чеди Осман, со Кристијан Николов. Мислам дека во скоро време ќе имаме повеќе такви играчи. Ако некој млад играч нема иднина, нема минутажа во матичниот клуб, никогаш нема да стане кошаркар само со тренинг. Мора да се изнајде друг модул за поголемо присуство на македонски играчи на терен. Ако македонските тимови што настапуваат и на меѓународни натпреварувања имаат потреба од шест странски играчи, барем да се воведе ново правило за натпреварите во македонската лига. Со тоа би се заштитиле играчите кои подоцна би требало да настапуваат за репрезентацијата. Потоа, тој играч треба да решава натпревари на Европско првенство за репрезентацијата. Еден од моментите за релативно неочекуваниот слаб резултат на ЕП 2015, е што нашите потенцијални репрезентативци немаат доволно минутажа во домашното првенство, немаат доволно искуство.

 

Што треба да се направи на долгорочен план за да се постигне квалитет? Има ли Македонија квалитет за да се повтори историскиот успех од Литванија 2011?

Гечевски: Квалитет и интерес кај младите има. Мора да се смени начинот на работа во поголемите клубови. Тие мора да имплементираат повеќе млади македонски играчи во нивните редови. Екипите од прва секоја година мора да внесуваат по еден до двајца млади македонски играчи во сениорскиот состав. Имаме една плејада млади талентирани кошаркари кои отидоа во младинските школи на големите клубови во Европа. Гледам дека има и тука неколку играчи кои можат да израснат во потенцијални репрезентативци. Успехот од Литванија е достижен со правилна работа.

 

todor-gecevski-sp171-4

 

Дали е потребно што побргу да се постави нов селектор за да почне да функционира репрезентацијата? Знаеме како завршија преговорите со Марин Докузовски.

Гечевски: Овој квалификациски циклус е најбитен. Мора да се продолжи со континуитет на присуство на големите натпреварувања. Со тоа сме присутни во светската кошаркарска јавност, има можност за доведување на повеќе спонзори и има поголем интерес кај младите. Сега европските првенства почнуваат да се организираат на четири години. Ако се пласираме на следното, ќе имаме можност да играме и во квалификациите за СП. Тоа е одлична стратегија за иднината. Ако не се пласираме, ќе играме во Б-дивизијата и со тоа сме надвор од кошаркарскиот крем повеќе од три-четири години. Токму поради тоа мора што поскоро да се стави нов селектор и веднаш да почне со работа. Ќе биде во ред ако имаме среќа во ждрепката и добиеме полесни противници, тогаш можеби ќе имаме и повеќе кандидати за селектор. Но, што правиме ако биде ждрепката неволна по нас? Тогаш никој нема да се нафати да биде селектор. Затоа што правило е секогаш селекторот заедно со претставник од Федерацијата да присуствува на тие ждрепки и уште таму се прават првите контакти со останатите репрезентации за пријателски натпревари. Се прави програма за подготовки. Ние сме репрезентација која нема многу играчи. Селекторот мора да има време за секој играч. Да се види и со тренерите на клубовите каде што настапуваат играчите за да може да се направи стратегија. Знаеме како завршија преговорите на Марин со Федерацијата. Мислам дека со таквата одлука македонската кошарка изгуби многу. Тој има огромно искуство и е вистинскиот човек за таа функција. Жал ми е што тие не се договорија.

 

todor-gecevski-sp171-2

 

Кои се твоите понатамошни планови во кариерата? Дали се гледаш во тренерските води или можеби, како спортски директор во Федерација или во некој клуб?

Гечевски: Ова што моментно го работам, ме исполнува. Задоволен сум од работата, оставивме добар тим на тренери кои го спроведуваат тоа што е зацртано, имаме поддршка од Марин Докузовски како прв тренер на клубот, имаме поддршка од управата од навивачите. Сега засега не гледам никаква потреба да менувам што било или да се активирам на некаков друг начин. Не се гледам како тренер, иако имам навика да дојдам наутро во сала и час и половина да поработам индивидуално со некои млади таленти.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Тодор Гечевски е објавено во 171. број на неделникот Република, 11.12.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top