| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува проширувањето на булеварот Србија со нов кружен тек (фото)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Трајче Донев, пратеници во Собранието на Република Македонија, поголем број членови на Советот на Град Скопје, директори на јавни претпријатија на Градот Скопје, денеска присуствуваа на почетокот на градежните работи за продолжување на булеварот „Србија“ до улица „Народни херои“, објави порталот „Скопјеинфо“.

 

Со овој проект ќе се изврши проширување и реконструкција на булеварот „Србија“ од кружниот тек кај Цементара до улицата „Христо Татарчев“, а на крајот од овој булевар ќе се изгради нов кружен тек меѓу бул. „Србија”, ул. „Христо Татарчев” и ул. „Христо Татарчев крак 2″.

– Булеварот „Србија“ ќе се реконструира и проширува на потег со вкупна должина од 868 метри, каде што ќе се оформат 4 сообраќајни летни со ширина од 3,5. Новата траса од десната страна ќе има странично зеленило со ширина од 1,5 метри и пешачко-велосипедска патека со ширина од 3 метри, додека од левата страна ќе има пешачка и велосипедска патека со променлива ширина. Новиот булевар ќе има средишно зеленило со ширина од 2 метри. На крајот од новиот булевар ќе има и кружен тек, кој ќе се формира меѓу бул. „Србија“, ул. „Христо Татарчев“ и улицата „ Христо Татарчев крак 2″, со дијаметар од 36 метри. Истиот ќе се состои од 2 сообраќајни летни со ширина од 4,75 метри и пешачка патека. Како дел од изведбата на новиот кружен тек, ќе биде извршена реконструкција и проширување на улиците „Христо Татарчев” и „Христо Татарчев крак 2“, на деловите каде што ќе влегуваат (се приклучуваат) во новиот кружен тек. Целокупната должина на новиот реконструиран и проширен коловоз со целосната реализација на овој инфраструктурен проект изнесува околу 1.400 метри, кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот на Кисле Вода Беличанец – Алексиќ реќе дека со реализацијата на овој проект, ќе се добие ново, квалитетно сообраќајно решение базирано врз потребите на граѓаните, кое ќе влијае врз квалитетот на живот на околу 14.000 жители на општина Кисела Вода.

 

– Намалувањето на сообраќајниот метеж посебно ќе почувствуваат жителите на Припор, но и сите преостанати чие секојдневие се одвива во овој дел на градот. Подобрениот сообраќаен проток ќе значи олеснета комуникација помеѓу општините Аеродром, Сопиште и Гази Баба. Преку изградба на пешачки и велосипедски патеки, овој проект ќе им донесе сообраќајна рамноправност на пешаците и велосипедистите, а предвидената изградба на нова атмосферска канализација на улицата „Христо Татарчев” ќе помогне со справувањето со атмосферските води кои по поројните дождови се слеваа од Сопиште. Дополнителен бенефит за граѓаните, се реконструкцијата на водоводната мрежа и фекалната канализација, како и новото осветлување, изјави градоначалникот Беличанец – Алексиќ.

Новиот булевар и кружен тек ќе добијат ново улично осветлување, каде што ќе се постават 87 столбови со висина од 8 метри и 102 светилки од 250 вати.

Вкупната сума за реализацијата на овој проект изнесува 98 милиони денари. Изведувач на градежните работи е „Бауер БГ” , а рокот на изведба е 20 месеци.

Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми проточноста на сообраќајот во овој дел на градот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top