Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, вчера изврши увид во градежните работи на проектот за пробивање на булеварот Србија до крстосницата со улицата Христо Татарчев, на поранешната последна автобуска станица број 24, каде што треба да се изгради нов кружен тек.
– Изминатиов период интензивно се вршат градежни работи за реализација на овој исклучително важен капитален проект. Делницата од кружниот тек кај Цементарницата до улицата Христо Татарчев треба да биде завршена и асфалтирана до крајот на месец септември, додека изградбата на кружниот тек ќе биде завршена подоцна, бидејќи се уште се расчистуваат имотно-правните односи за отстранување на неколку објекти. Со реализацијата на овој инфраструктурен проект, значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот за жителите коишто гравитираат во овој дел од Скопје и околните општини, а воедно ќе се комплетира и булеварското поврзување на општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба, што е од исклучителна важност, рече градоначалникот Трајановски.
Со овој проект булеварот Србија се проширува на потег со должина од 868 метри, а ќе се оформат 4 сообраќајни ленти. По должината на новата траса од десната страна ќе има странично зеленило со ширина од 1,5 метри и пешачко-велосипедска патека со ширина од 3 метри, а од левата страна ќе има пешачка и велосипедска патека со променлива ширина. Новиот булевар ќе има средишно зеленило со ширина од 2 метра.
На крајот од новиот булевар ќе се изгради кружен тек со дијаметар од 36 метри, две сообраќајни ленти и пешачка патека.
Покрај ова, со овој проект ќе се изврши и реконструкција и проширување на улиците Христо Татарчев и Христо Татарчев крак 2, на деловите што влегуваат во новиот кружен тек, на вкупна должина од 590 метри.
Новата делница на булеварот Србија ќе добие нова атмосферска канализација, како и ново улично осветлување. Градот Скопје во овој капитален проект ќе вложи 98 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шилегов ќе го продава Мерцедесот – бил стар и небезбеден
-
Шилегов чека слика до Коце за на ѕид, Трајановски вели дека во градот има сто фотографии од него
-
Коневски: Победа за Коце Трајановски и листата – за да ги реализираме сите проекти за подобри услови во Аеродром
-
Трајановски и Мисајловски на средба со граѓаните и пазарџиите на пазарот во Ѓорче Петров (ФОТО ГАЛЕРИЈА)