Во Македонската опера и балет вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи премиерата на балетската претстава „Огнени градини“ на музика од познатиот шпански композитор, Мануел де Фаља. Кореограф е Џејмс Амар од Франција, кој воедно ги скицираше елементите за либретото на претставата. Претставата е условно составена од три дела, тоа се: Градините на Алхамбра, на Кордоба и т.н. Маѓепсана љубов, а кореографијата содржи доста елементи од шпанските традиционални танци, со нагласка на фламенкото. Сценограф е Зоран Костовски, а костимограф, Александар Ношпал. Со оркестарот на Македонската опера и балет ќе диригира гостинот од Шпанија, Јозеп Висент. Гостинка во претставата е и вокалната солистка Хинеса Ортега Кортес, позната по изведбите на фламенкото. Пијано придружнбата е на Дино Имери. Настапуваат првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Македонската опера и балет.
РЕПРИЗАТА на „ОГНЕНИ ГРАДИНИ“ е во четврток, 17.12.2015 г. На репризата со оркестарот ќе диригира Бисера Чадловска, а како вокална солистка ќе настапи нашата мецосопранистка, Ирена Кавкалевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.