Правните инструменти и решенија, со кои ќе се овозможи спроведување на иницијативата за намалување на цените на услугите за роаминг на Македонија со земјите од Европска унија ќе бидат тема на разговор на денешната средба на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски со директорот на Дирекцијата за комуникациски мрежи, содржини и технологии на ЕУ, Роберт Медлин.
На средбата во Брисел ќе присуствува и делегација на Агенцијата за електронски комуникации, предводена од директорот Роберт Орданоски.
АЕК во септември лани доби позитивно мислење за иницијативата што ја поведе за изедначување на цените во роаминг за граѓаните на Македонија. Нивни стручен тим продолжи да работи на унапредување на препораките и на соработка со државните и меѓународни институции, со цел конечно прифаќање на иницијативата и намалување на цените во роаминг. На тој начин македонските граѓани ќе имаат можност да ги користат придобивките на единствениот европски пазар, иако Македонија сѐ уште не е членка на Европска унија.
Македонската Влада ги задолжи министерствата за надворешни работи и за информатичко општество и администрација да се вклучат во преговорите заедно со АЕК и да создадат правна рамка за реализација на иницијативата. Во меѓувреме, владите на Србија и на Црна Гора ја прифатија иницијативата со што се договара заеднички став во текот на преговорите со Европска комисија за таа активност. Агенцијата за електронски комуникации и Министерството за надворешни работи веќе работат на текстот на предлогот за заеднички настап на трите држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.