Почнуваат градежните работи на третата фаза од проектот за реконструкција и проширување на улицата “Борис Трајковски”. Проектот е во вредност од 4,2 милиони евра што Градот Скопје ги обезбеди од централната власт преку Проектот за подобрување на општинските услуги на Светска банка.
Проширувањето и реконструкцијата, кое стартува денеска, во оваа фаза ќе се врши на потегот од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри. Булеварот ќе биде со ширина од 13,75 метри, со четири ленти и пешачка и велосипедска патека од двете страни на коловозот. На новиот булевар ќе се постават и нови семафори и целосно нова хоризонтална и вертикална сигнализација.
Градежните работи на улицата „Борис Трајковски“ ќе се искористат и за изградба на нова атмосферска канализација по должината на улицата, ќе биде извршена заштита и дислокација на постојните подземни инсталации (електрични и телекомуникациски), а ќе биде поставено и целосно ново улично осветлување.
Градежните работи ќе ги изведува конзорциум од фирмите „Бетон“, „Бауер“ и бугарската „Понстрој инженеринг“. Работите треба да завршат за 18 месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.