Доживотна затворска казна за првобвинетиот Бојан П. (31) од Охрид, поради двојното убиство извршено во август минатата година кога со огнено оружје смртно беа застрелани сопственикот на ресторанот „Император“ Васил Ристески (56) и Ромео Ѓузелоски (38) од селото Лескоец. Тоа е пресудата што денеска на првообвинетиот му ја изрече судијата Билјана Белеска-Пројкоска, претседател на Судскиот совет при Основниот суд во Охрид што го водеше процесот.
Второобвинетиот Ристо С. (31), исто така, од Охрид, Судскиот совет го прогласи „виновен“ за помагање во извршувањето на кривичното дело, притоа изрекувајќи му затворска казна во времетраење од една година.
Во текот на процесот што почна на 1 октомври годинава двајцата обвинети се изјаснија за невини, со забелешка на одбраната на обвинетите дека убиствата се случиле во поинакви околности отколку што беше наведено во обвинителниот акт.
Владимир Стрезоски, адвокатот на одбраната на првообвинетиот, по изрекувањето на пресудата изјави дека е премногу строга, најавувајќи дека ќе ја обжалат пред повисоките судски инстанции.
Двојното убиство се случи на 21 август минатата година во ресторанот „Император“ што се наоѓа на улицата „15. Корпус“ во Охрид. Според обвинителниот акт, обвинетите со возило на второобвинетиот пристигнале пред терасата на ресторанот, излегле од возилото и го повикале на разговор Ѓузелоски, кој седел на една од масите заедно со неговата сопруга. Притоа почнала жестока расправија на терасата на „Император“, по што првообвинетиот извадил пиштол и еднаш го застрелал Ѓузелоски, кој повреден се обидел да избега внатре во локалот, при што бил застрелан уште двапати. Притоа во близина хотелската рецепција се наоѓал и сопственикот Ристески, кој, исто така, бил застрелан од првообвинетиот со еден куршум во пределот на градниот кош.
Веднаш потоа двајцата обвинети со возилото на второобвинетиот побегнале од местото на злосторство. Првообвинетиот од тогаш беше недостапен за органите на прогонот речиси шест месеци. По распишана меѓународна потерница тој на 12 февруари годинава беше уапсен во Албанија, а подоцна екстрадиран во Македонија, додека второобвинетиот во случајот беше приведен од полицијата неколку часа по пријавувањето на случајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ужасно е да се носи облека на човек кого го убивме пред 20 минути-oвој детал доведе до разоткривање на бруталното убиство на Кашоги
-
Објавени нови детали за убиството на Кашоги: Само некој кој зема хероин би го направил тоа
-
Охрид e најзадолжена општина
-
Убиство во семејство со македонско потекло во Швајцарија