Бизнисот сѐ повеќе го чувствува притисокот на политиката. Сега на удар се најдоа банките. Тие добија закана од опозицијата дека ќе се чешла нивното работење доколку учествуваат во аукцијата на државните записи на која Министерството за финансии се задолжи за 73 милиони евра, пари со кои ќе бидат финансирани тековните активности предвидени со буџетот за годинава. Со тоа директно една политичка партија се меша во нивниот начин на функционирање, што наиде на осуда и од бизнисмените и од стручњаците, но и од првиот човек на Централната банка. Со оглед на тоа дека сопственоста на банките во најголем дел е во раце на странците, тоа може да создаде перцепција за деловен амбиент што е под влијание на политиката, а со тоа да ги оттргне потенцијалните инвеститори од доаѓање во земјава бидејќи никој не сака да работи под притисок и директива на политичарите.
Според Министерството за финансии, аукцијата се реализирала успешно, а државни хартии од вредност купија банки, осигурителни компании, пензиски фондови и штедилници.
– Со реализација на аукцијата се обезбедуваат ликвидни средства за исплати кон стопанството и граѓаните, како што беше планирано со буџетот за 2015 година. Во текот на декември, по основа на стари хартии од вредност достасани за враќање, Министерството за финансии ќе им врати на банките 84,6 милиони евра или 5,2 милијарди денари – информираа од финансии. Последното задолжување се реализираше откако Државната изборна комисија го поништи ветото на заменик-министерот за финансии, Кире Наумов, за одржување на аукцијата.
Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, апелираше политичките партии да не ги мешаат банките во нивните политички битки.
– Политичките притисоци врз банките се недозволиви и неспоиви со пазарната економија. Имајќи предвид дека најголем дел од банките се во странска сопственост, политичкиот притисок врз банките може да има катастрофални последици врз нивната перцепција за деловниот амбиент во Македонија и нивните идни планови. Деловните банки имаат целосна слобода и право самите да решаваат каде ќе ги пласираат своите ликвидни средства во согласност со својата деловна политика – истакна гувернерот Богов.
И стручњаците порачуваат – политиката да не се меша во одлуките на банките.
Универзитетскиот професор Томе Неновски аукцијата на државни записи ја оценува како една од вообичаените, кои редовно ги одржува Министерството за финансии за обезбедување доволна ликвидност за финансирање на тековните буџетски потреби и еден дел за покривање на буџетскиот дефицит.
– Задолжувањето беше планирано кога се донесуваше буџетот за 2015 година. Треба да се има предвид дека секоја аукција, во основа, има прво задолжување, меѓутоа по задолжувањето државата оди кон раздолжување од страна на државата кон банките врз основа на издадени запишани државни записи во претходниот период. Според тоа, задолжување и заради раздолжување и ако остане некој дел, евентуално заради дофинансирање на буџетските потреби – вели Неновски.
Воведувањето во 2004 година на државни хартии од вредност и нивната продажба како финансиски инструмент, според професорот, е општо познато во развиениот свет, особено во западните економии каде што државата, по потреба, се финансира со распишување емисии на државни хартии од вредност, било во форма на благајнички државни записи или во форма на обврзници, со цел обезбедување средства на финансискиот пазар за финансирање на буџетските потреби.
– Тоа го имаат речиси сите западни држави, пред сѐ САД, кои имаат и највисок буџетски дефицит, а кој во најголема мера го финансираат со издавање т.н „треџери билс“ или државни записи. Па, според тоа, тие се исклучително пазарен инструмент, кој го користат пазарните економии, па и ние веќе 11 години, кој може да послужи и за финансирање на буџетските потреби, меѓутоа и за постепено развивање на пазарниот капитал во Македонија, каде што тие записи, тие обврзници би се нашле на листата на котирани хартии од вредност со кои ќе може да котира секој што е заинтересиран за тоа – додава Неновски.
Во однос на тоа кој може да го им го ограничи правото на банките да купуваат хартии од вредност, Неновски вели дека, според прописите, според правилата, меѓународните стандарди, нема никој, освен банките, освен нивното собрание, нивните акционери. Банките се профитни институции и тие секогаш бараат начин на финансискиот пазар да инвестираат во тие инструменти што ќе им донесат одреден профит во дадена ситуација.
– Според тоа, во Македонија не постои инструмент, не постои институција што ќе може да им забрани да купуваат хартии од вредност, па, би рекол дури и НБРМ, која е единствено надлежна за контрола и за супервизија на банките и за регулирање на нивното работење, не може да им го наложи тоа затоа што ограничувањето на запишувањето државни записи во оваа ситуација, практично, значи атака врз пазарноста на економијата, врз нејзината функционалност, меѓутоа атака и врз профитабилноста на банките. Во спротивна ситуација, тие би требало вишокот на ликвидност, а го имаат во огромна количина, денеска да го пласираат во лош пласман. Никој во оваа држава не би сакал да ги види банките во таква ситуација, да кредитираат проекти, да имаат лош пласман во растечка големина, кој еден ден би ги донеле во една ситуација на банкрот. Да не заборавиме, банките се најздравото ткиво во Македонија во овој момент, да го задржиме тоа – додава Неновски.
Банкарите велат дека банките си имаат своја деловна политика и тие сами донесуваат одлуки.
– Сите банки од ЕУ имаат лимити за тоа колку можат да бидат изложени кон државата. Меѓутоа, банките не се единствени купувачи на хартии од вредност, тука се инвестициските и пензиските фондови, како и компаниите и граѓаните, и од тој аспект функционирањето на пазарот на капитал и неговата стабилност е од битно значење.Банките имаат лимит за вакви вложувања и тоа зависи од нивото на ликвидноста и од нивото на капиталот на банките, меѓутоа, сепак, приоритетна цел е, пред сѐ, да инвестираме во кредити на стопанството и на населението бидејќи изворите на нашите средства се депозитите од населението и од претпријатијата – објаснуваат од банките, за кои мешањето на политиката во нивната работа е недозволиво.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 170. број на неделникот „Република“, 4.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хакери украле 15 милиони долари од повеќе банки во Мексико
-
Се нудат на продажба: Банките им ги лапнаа хациендите и фирмите на познати македонски политичари и бизнисмени
-
НБРМ: Политичката криза и забавената економија ја намалија активноста во банките
-
Словенечки банки открија обид за перење пари од Русија